Граѓаните кои ќе завршат во карантин неколку дена пред изборите не може да гласаат

0
106

Стотици граѓани кои неколку дена пред изборите ќе завршат во изолација или во самоизоалција нема да може да го остварат своето право на глас загарантирано со Устав бидејќи нема да може да се пријават за гласање.  Според постојниот правилник за изборите, лицата кои се во изолација имаат рок до 8 јули да пријават дека сакаат да гласаат за да може избирачките одбори да се подготват и да направат список на гласачи кај кои ќе треба да се оди.

Претседателот на ДИК потврдува дека има вакуум од неколку дена и најавува дека ќе се обиде да го намали на што е можно пократко.

Изолацијата и самоизолација ќе го отежнат процесот на глaсање и обемот на работа на избирачките комисии бидејќи не секој граѓанин е во изолација на адресата од личната карта и местото на живеење.

Имаме жители на повеќе градови од државата кои се сместени во државен карантин – објект на Попова Шапка.

Доколку оваа ситуација продолжи тоа ќе значи дека членовите на избирачкиот одбор од неговото гласачко место ќе треба, заедно со медицинско лице доделено од министерството за здравство, да го посети без разлика на која локација тој се наоѓа во државата и да му го достави ливчето за гласање и потоа да се врати назад и да го стави ливчето во гласачката кутија.

Само во последните 24 часа на 912 лица им се врачени решенија за изолација однонсо самоизолација – државен карантин.

Министерот Филипче најави дека следната недела ќе се разгледува можноста за укинување на задолжителниот карантин со што би се намалил бројот на граѓани кои што нема да може да го остварат своето право на глас како и обемот на работа што ќе го имаат избирачките комисии.