КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗА ВКУПНО 22 УГОСТИТЕЛИ ВО ТУРИСТИЧКИТЕ МЕСТА, НЕ ГИ ПОЧИТУВАЛЕ ПРОТОКОЛИТЕ И ПРИМАЛЕ ГОСТИ

22 кривични пријави испишале пазарните инспектори во земјава од петокот до денеска.Од нив осум се во Охрид, четири во Струга, пет во Битола, три во Дојран и по една во Пониква и Маврово.

Поголем дел од пријавите се во делот на сместувањата, а помал број за угостители кои имале повеќе гости од дозволеното или примале гости во затворениот дел од локалите. Најмногу работа инспекторите имале на Пелистер каде сите вили се издадени за гости. Во Охрид кон приватни станоиздавачи досега се испишани четири кривични пријави.

Со засилување на инспектори од Скопје и Кичево и денеска пазарната инспекција ќе продолжи со надзорот кај угостителите и приватните станоиздавачи кои и покрај тоа што немаат протоколи за работа за викендов ги понудиле капацитетите.

Во меѓувреме од СВР Охрид информираат дека во регионот изминатото деноноќие 105 лица се казнети за неносење маска и 11 други за прекршување на полицискиот час.

„Во изминатото деноноќие, (06/07.06.2020 година), на подрачјето на СВР Охрид, единаесет лица не ја почитувале забраната за движење (Струга-2, Кичево-2, Дебар-7). Тие се приведени и против нив, ќе бидат поднесени пријави според членот 206. Во истиот период, полициските службеници констатирале 105 прекршоци за не носење лична заштита на лицето (Охрид-49, Струга-28, Кичево-20, Дебар-08).” – стои во соопштението од СВР Охрид.

Кризниот штаб на Општина Охрид пак повторно апелира до граѓаните да носат маски, држат дистанца и да не се групураат по викендиците и плажите а најави и дека по завршување на продолжениот викенд ќе се врши интензивна дезинфекција на улиците, јавните површини и станбените објекти на територијата на Охрид.