Детската болница во Козле го прими првиот возрасен пациент, двете деца ќе одат на домашно лекување

0
91

Покрај двете дечиња од семејството кое се вратило од Германија, Детската болница во Козле денеска го прими и првиот возрасен пациент заразен со ковид-19.

„Денеска го примивме првиот возрасен пациент. Се работи за 61-годишен маж, кој кај нас беше испратен од Аџибадем Систина. Нему во таа клиника му било направено серолошко тестирање, кое покажало дека е позитивен на вирусот. Но, бидејќи тие тестови не се  препорачуваат за идентификација на заразата, утре ќе му направиме ПЦР-тест, за да утврдиме со сигурност дали пациентот е инфициран или не“,

изјави за МИА директорот на болницата, д-р Ангелко Андоновски.

Тој во изјавата зборува и за двете дечиња кои се сместени таму. Тие биле испратени од граничниот премин Табановце, а тестови им биле направени во Ниш. Нивните родители, пак, се негативни.

„Станува збор за две деца, едното на четири и пол годишна возраст, а другото двегодишно. Тие се асимптоматични случаи. Немаат температура, немаат никакви симптоми. Ќе им направиме уште еден тест, па ќе ги пуштиме на домашно лекување“,

вели д-р Андоновски.

Во овој Институт досега биле направени 350 тестови на деца и биле откриени шест случаи на позитивни на коронавирусот. Шесте деца биле со лесна клиничка слика и сите се во одлична здравствена состојба. Д-р Андоновски вели дека децата лесно го минуваат вирусот, кој може да биде опасен само ако детето има некое заболување, како на пример астма, ХОББ, тешка анемија и друго.

„Досега во цела држава се откриени 200 деца позитивни на коронавирусот, на возраст од 0 до 19 години“,

вели д-р Андоновски.

Детската болница во Козле од денеска е ковид-центар и располага со 60 легла за возрасни и 15 за деца. Во него ќе бидат сместени возрасни пациенти со полесна или средна клиничка слика. Институтот располага со кислородна линија, но нема респиратор, кој е потребен за потешките случаи.

Д-р Андоновски вели дека се подготвени уште пред четири месеци да одговорат на потребите за третман на пациенти заразени од коронавирусот, а медицинскиот тим се зајакнува со дополнителен персонал од лекари, осум интернисти и двајца професори од Инфективната клиника.