АЛФА ЕКСКЛУЗИВНО: Дипломатијата целосно во рацете на албанскиот блок- Исаку заменичка на Османи во МНР

0
209

Македонската дипломатија целосно во рацете на партиите од албанскиот политички блок и тоа во период кога Македонија треба да ги отвори пристапните преговори со Европската Унија. Нова заменик министерка за надворешни работи ќе биде Фатмире Исаку од ДПА, потврдуваат за Алфа од партијата на Мендух Тачи.

Ова е помалку чудно со оглед на тоа што премиерот кажа дека клучна цел на новата владејачка гарнитура ќе бидат евроинтеграциите, ова Заев го најави уште вечерта кога беше изгласана новата Влада. Но, сепак во клучниот ресор за патот кон ЕУ на раководните позиции нема да има кадар на СДСМ. Како што е веќе познато нов шеф во МНР е Бујар Османи.

-Процесот на евроинтеграција продолжува уште позасилено. Владата, институциите, се подготвени за старт на преговорите со ЕУ и отворање на првите поглавја. Следува период на трансформација и европеизација на нашата татковина. Ова е период кога сечив придонес е важен, очекуван, потребен и суштински, изјави Заев откако беше изгласана Владата.

Заев се уште не сака да споменува имиња на замениците министри во неговата Влада, но кажа дека списокот за овие позиции ќе бил испратен до Собранието до крајот на оваа недела.

-Јас сакам оваа недела, после празникот, да ги дадам предлозите најкасно до крајот на неделата предлозите до македонскиот Парламент, а понатаму Парламентот ќе одлучи колкав период ќе остави на пратениците да ги прочитаат автобиографиите на кандидатите, да ја закаже седницата, изјави Заев.

Самото седнување на министерското столче во надворешни работи на Бујар Османи, од ДУИ беше прогласено за историски момент. Првиот вицепремиер во Владата, Артан Груби на социјалните мрежи напиша дека е прв пат во историјата во регионот да има тројца Албанци во Министерствата за надворешни работи, мислејќи на Македонија, Косово и Албанија.