Мнозинството бара „онлајн корона-Парламент“, опозицијата не прифаќа

0
86

Одлуките за изолација на тројца пратеници заразени со коронавирус, двајца од мнозинството и еден од опозицијата, го загрозуваат нормалното функционирање на Собранието. Парламентарното мнозинство бара само пратениците кои имаат решение за изолација да можат да гласаат онлајн за да не се блокираат предлог-законите во постапка, како и ребалансот на буџетот.

„Таму, во Уставот, се предвидува учество што не е прецизно дефинирано дали треба да биде физичко или онлајн. Размислуваме да го измениме Деловникот за работа на Собранието, не за да го смениме овој член, туку за да прецизираме дека учеството ќе биде физичко или онлајн“, вели Изет Меџити- ДУИ.

Но, опозицијата остро се спротивставува. Според нив, работата на Собранието не зависи од отсуството на малкумина пратеници. Законите можат да имаат поддршка и од опозицијата доколку нивните забелешки и амандмани бидат прифатени од мнозинството. На повидок е институционална криза.

„Тоа е сериозна злоупотреба на здравствената состојба на пратениците кои можеби во моментот можат да бидат на апарати за дишење, а се очекува да влезат онлајн и да комуницираат. Тоа е сериозна злоупотреба на здравствените права на граѓаните за политички поени. Собранието има уште 118 пратеници. Може да работи со 80 или 100 пратеници. Функционирањето на Собранието воопшто не претставува проблем, проблем е да се усогласат заедничките позиции на власта и опозицијата“, рече Скендер Реџепи- АА- Алтернатива.

Во моментов мнозинството вели дека ова не е целосна промена на практиката и спроведување на работата онлајн за целото Собрание. Опозицијата има неколку дена да размисли и евентуално да ја смени својата позиција.

ИЗВОР АЛСАТ М