Алтернатива: Платите на наставниците да се качат за 50 евра

0
100

И родителите на учениците, како и самите наставници, со онлајн наставата се изложени на зголемени трошоци, како за информатички уреди, така и за интернет, затоплување и електрична енергија, рече на прес конференција Љуљзим Алиу од Алтернатива.

„Доколку министерката за образование Мила Цароска ја оправдува ваквата состојба на онлајн настава од дома, затоа што на тој начин ќе заштеди пари и нема да има трошоци во училиштата, изгледа дека нема предвид оти на тој начин ги зголемува трошоците на наставниците и родителите на учениците”, рече Алиу и оцени дека учебната година започна без никакви подготовки и дека се покажа дека владата е неспособна да го организира воспитно – образовниот процес.

Освен тоа, како што нагласи, Владата е одговорна и за инфицирањето на наставниците од коронавирусот, кои бројки постојано растат.

„Бидејќи повеќето наставници работат од дома, Алтернатива му предлага на Министерството за образование да издвои дополнителни 50 евра на секоја плата за секој наставник, како надомест за греењето, струјата и интернетот, зголемени трошоци на нивен семеен товар. Владата и Министерството за образование, како и општините треба учениците да ги опремат со лаптопи, компјутери или таблети, и на тие кои немаат, да им овозможи пристап до интернет”, рече Алиу.