ЗАХАРИЕВА ПРИЗНА ДЕКА Е ИСПЛАШЕНА ОД ПОСТОЕЊЕ НА МАКЕДОНСКО МАЛЦИНСТВО ВО БУГАРИЈА

0
117

Нова закана за вето од Бугарија. Македонската Влада да признае дека јазикот и идентитетот имаат бугарски корени, доколку сака да започне преговори со ЕУ, порача вицепремиерот и министер за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева.

Во интервју за „Ројтерс“, шефицата на бугарската дипломатија вели дека официјална Софија го губи трпението поради одбивањето на Македонија да го имплементира Договорот за пријателство кој двете држави го потпишаа во 2017 година. Захариева напомена дека Бугарија ќе даде поддршка на официјалниот почеток на разговорите, но само доколку Скопје признае дека неговиот идентитет и јазик имаат бугарски корени, со што ќе се стави крај на какво било тврдење дека има „македонско“ малцинство во Бугарија.

„Нашите грижи потекнуваат од бескрајните тврдења за македонско малцинство во Бугарија. Признавањето на бугарските корени ќе му стави крај на тоа“ – вели Захариева за „Ројтерс“.

Ако Македонија се сложи на ваквите барања, вицепремиерот во бугарската Влада вели дека Софија ќе го признае македонскиот јазик како еден од официјалните јазици во државата и македонскиот идентитет.

„Не спориме со нивното право на самоопределување, ниту со правото да си го нарекуваат јазикот како сакаат. Подготвени сме уште еднаш да ги потврдиме актуелните реалности, но тие мора да ја прифатат историска вистина“ – вели бугарската министерка.

Шефот на македонската дипломатијата Бујар Османи вчера изјави дека има напредок во соработката на работните групи меѓу Македонија и Бугарија и најави дека следната недела ќе се сретне со Захариева.

„Мислам дека има конкретни исчекори направено и мислам дека би било штета да не се искористи оваа динамика којашто е наметната и во односите помеѓу нас политичарите и од Комисиите од коишто очекуваме да изнајдат решенија“ – вели Османи.

Минатата недела премиерот Зоран Заев, Претседателот Стево Пендаровски изјавија дека се надеваат дека двете држави ќе најдат решение на спорот, но и дека воопшто нема простор за дебата околу јазикот и идентитетот.

Извор 24 вести