Пречек на фудбалерите на Блаце: Сонот ни се оствари

0
109

Mакедонските фудбалски репрезентативци рано утрово преку граничниот премин Блаце пристигнаа во Скопје, откако, поради маглата на скопскиот аеродром, мораа да бидат пренасочени кон Приштина, па оттаму со автобус во Македонија.

Капитенот, Горан Пандев, им се обрати на најупорните навивачи кои ги чекаа на преминот Блаце.

„Сонот ни се оствари, сите заедно се радуваме и да настапуваме на ова ЕП со победи. Знаеме сите дека поминавме долг пат до ова ЕП, навистина момците го заслужија ова и уште не сме свесни што направивме. Среќни сме, во следните денови ќе се свестиме дека сме на ЕП. Не верував дека на 38 години ќе се пласирам на едно ЕП. Благодарност до сите што не пречекавте“, рече утринава Пандев.

Селекторот Игор Ангеловски изјави дека тајната на успехот е играта со срце и тоа што репрезентацијата функционира како семејство.

„Среќни сме што успеавме да го обединиме народот. Може слободно да кажам дека ние така обединето живееме во репрезентацијата пет години, како едно големо семејство. Тоа беше нашиот рецепт за да дојдеме до успехот и пласманот на ЕП. Среќен сум што работам со вакви фудбалери кои знам дека и во иднина ќе ни носат уште поголеми спортски успеси“, рече Ангеловски на пречекот.

Заедно со навивачите беа и премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Артан Груби. Заев соопшти дека за историскиот пласман Владата на сите членови на репрезентацијата ќе им даде по 10.000 евра награда.

РСЕ