Надворешната политика неусогласена со ЕУ“, Таравари бара Македонија да воведе санкции за Русија

Алијанса за Албанците изрази загриженост во однос на надворешната политика на државата. Генералниот секретар на партијата рече дека Советот на ЕУ донел 21 одлука за продолжување и проширување на санкциите против Русија, но Владата Заев 1 и Заев 2, исто толку пати одбила да воведе санкции против Русија.

-Земјите-кандидати, како што е Северна Македонија, имаат законска обврска да бидат во согласност со декларациите на ЕУ и да ги применуваат европските санкции кога тоа се бара од Брисел. Во март 2014 година, ЕУ воведе рестриктивни мерки против Русија, вклучувајќи и дипломатски мерки, замрзнување на средства и забрани за патување, како и економски санкции…-вели Таравари.

Таравари вели дека Алијанса за Албанците и Одделот за евро-интеграции ги анализирале сите декларации на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика поврзани со почитувањето на санкциите, каде, како што вели, резултатите се загрижувачки за РСМ.

-ЕУ не е машина за перење на корумпирани политичари кои го поддржуваат Путин и руската агресија, додека бараат интеграција во ЕУ. Северна Македонија треба да се однесува како земја кандидат, а не како да е некоја поранешна советска република, бидејќи тоа го очекуваат нашите граѓани и тоа го наметнуваат и нашите законски обврски кон ЕУ-рече Таравари.

ТВ21 побара став од Владата, но до почетокот на ова информативно издание не добивме одговор.