Не е во ред некој да оди во затвор ако користел половина грам канабис, рече Заев и најави либерализација

0
85

Не е во ред некој да оди во затвор ако користел половина грам канабис, вели премиерот Зоран Заев, најавувајќи дебата за легализација на канабисот во 2021 година.

На денешната прес-конференција, на која ги презентираше проектите и програмите од владината „Акција 21 – за европски стандарди дома!” за 2021 година, Заев рече дека светските и европски стандарди ги носиме дома и преку индустријата за одгледување канабис за медицински цели и за производство на продукти од оваа билка.

Канабисот е една од најдинамичните индустрии во светот и политиката на владата е не само да ги препорачува овие искуства, туку и понатаму да ги поддржува компаниите кои влегуваат во овој бизнис кој во нашата земја веќе отвора илјадници добро платени работни места. А искуствата на другите држави како Канада, Холандија и Чешка кажуваат дека овие земји годишно заработуваат околу 55 милијарди долари од оваа дејност, рече Заев.

Додаде дека во Македонија досега се одобрени 59 лиценци за оваа дејност, а Владата е во комуникација со претставниците на компаниите со цел оваа индустриска гранка да се развива согласно светските текови и европските регулативи.

Во европските и светските пазари имаме стотици исклучително важни лекови кои се решение за здравјето на многу граѓани. Маслата од канабис и другите продукти, влијаат позитивно на многу симптоми на болести како што се мултиплекс склероза, ХИВ, Паркинсонова болест, епилепсија и други малигни заболувања. Тоа отвора огромни потенцијали и пазари, верувам дека во таа насока Парламентот е подготвен да ги усвои предложените законски измени за кои што имавме одредено блокирање во изминатиот период. Со донесување на измени и дополнувања на Законот за опојни дроги ќе се овозможи извоз на цвет од канабис за медицински цели кои ќе поттикнат нови инвестиции, развој и нови работни места, рече Заев.

Вели дека ако тоа го направиме до крајот на оваа година, следната година очекуваме преку 250 милиони евра приходи од производство на канабис за медицински цели.

Тоа ќе стимулира отворање на нови високо платени работни места. Во 2021 планираме и да ја прошириме листата на дијагнози за кои е дозволено лечење со медицински канабис и да обезбедиме декриминализација и депенализација на канабисот за мали количини за лична употреба. Бидејќи, точно е тоа што го зборуваат активистите од граѓанскиот сектор – не е во ред некој да оди во затвор затоа што користел половина грам природен канабис за лична употреба, во време кога веќе насекаде низ светот оваа билка станува легална и за медицинска и за економска дејност. До јуни 2021 ќе ја отвориме дебатата, а потоа процесот ќе оди во Собранието. Се разбира, полицијата ќе продолжи со своите силни акции против криминал и трговија со дрога, за кои сведочиме секојдневни успеси, за што сакам да му честитам на министерот за внатрешни работи, рече Заев.