Покренато обвинение против инвеститорот во случајот „Мавровка

0
79

Скопското обвинителство поднесе до Кривичен суд Скопје обвинител акт за случајот на „Мавровка” во кој инвеститорот бесправно градеше објект од тврда градба кој потоа беше урнат од надлежните органи.

 

– По спроведената истражна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице за кривично дело – Бесправно градење од член 244-а став 1 од Кривичниот законик. Обвинетиот М.А., во текот на јуни и јули 2020 година, во својство на инвеститор, градел објект со површина од 330 квадратни метри на платото пред трговскиот центар „Мавровка“, а притоа немал одобрение за градба издадено од надлежен орган – соопштија од ОЈО Скопје.

 

На обвинетиот претходно му беа определени мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова, како и повремено јавување кај службено лице во Основниот кривичен суд. Надлежниот јавен обвинител му предложи на Судот да ги продолжи ваквите мерки спрема обвинетиот со цел да се обезбеди неговото присуство во текот на постапката.​​

 

Лани во октомври багери на ЈП државни патишта по налог на Владата ја урнаа дивоградбата, а откако поминаа четири месеци од отстранувањето на објектот пред „Мавровка“, сопственикот почна повторно да го гради.

 

Според градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, сопственикот на објектот пред трговскиот центар „Мавровка“ има законско право да го врати во првобитната состојба пред да биде опожарен, но не смее да излегува од габаритот, ниту од видот на градбата.

 

– Доколку сопственикот на кафулето „Фонтана“ повторно излезе од габаритот и изгради нешто што не му е дозволено, повторно биде урнат. Објектот пред да го зафати пожар беше изграден со документација. Во Законот стои дека по елементарна непогода, сопственикот има право да го врати во првобитна состојба без да побара документација од Општината. Но, тој излезе од габаритот и место со челична конструкција, градеше со бетон. Сега тој има законско право да го врати во првобитна состојба. Општината, пак ќе го прекине и ако треба пак ќе одиме со истите мерки. Ако не покаже ист објект како оној пред пожарот, нема да пуштиме ни квадратен метар да работи во тој објект – рече градоначалникот Ганиу.