Заштитата на Шара нема да ја заштити, дадени дозволи за хидроцентрали во најстрого заштитениот појас

Шар Планина се поблиску до прогласување за национален парк. За неколку месеци се очекува законот да се изгласа во собранието, да се донесе планот за управување, а до лето да се формира установа која веднаш ќе започне да управува со ова подрачје. Но, на овој заштитен појас и натаму ќе се градат хидроцентрали. Невладините реагираат, надлежните се правдаат дека концесиите за изградба се веќе дадени.

Од Платформата Пријатели на Шара, велат дека не треба да се дозволи понатамошни изградби на хидроцентрали, затоа што искуството покажало дека со секоја изградба на вакви централи се уништува природата.

-Па видете каква е природата над Општина Теарце. Таму се изградија три хидроцентрали и инвеститорите ни ветуваат дека се ќе се врати на свое место, но не е така природата е уништена, не е како што беше. Со тие изградби на хидроцентрали ние немаме вода цела природа е поместена, вели Метин Муареми од Платформата Пријателите на Шара.

На Шар Планина има изградено 11 хидроцентрали, а во процес на изградба се други 9. За 5 има дадено дозволи за градење во најстрого заштитени зони. Од Министерството за животна средина, велат дека тие што се градат и постојните ќе бидат реалност во идниот национален парк, а на петте кои воопшто не се почнати со градба, ќе се гледа да им се одземат концесиите, ако се согласат и двете страни.

Оттаму истакнаа дека лично министерот Насер Нуредини ќе разговара со концесионерите и ќе се обиде да ги убеди да не ги градат централите.

Доколку не успее во преговорите и овие 5 хидроцентрали во најзаштитениот појас ќе станат реалност како и останатите 19, кои се претежни изградени и се градат во втора или трета заштитна зона

Законот за прогласување на Шар Планина за Национален парк се очекува да се изгласа во собранието за неколку месеци. Потоа ќе треба да се донесе управувачки план за ова заштитено подрачје и основање на установата Национален парк која ќе управува со идното заштитено подрачје поделено на три зони.