Гарванлиев: „Музиката е мојот пасош“

0
33
По лавината реакции на јавноста за двојното државјанство на годинешниот македонски претставник на Евровизија, зборуваме со баритонот Васил Гарванлиев и неговите ставови за ситуацијата во која се наоѓа.

ДВ: Од детето со ореол во нашите сеќавања, до пејач ставен на најстрашен суд од јавноста. По обраќањето до јавноста за Вашето потекло, како реагирате на петицијата која е актуелна на социјалните мрежи? Ве вознемирува?

Васил Гарванлиев: Искрено не! Но, дали ме погодува? Да, човек сум, имам срце, имам душа, уметник сум. Уметниците сме многу, многу поранливи, но сум мирен.

Овие лавиринти по кои сега се движите, се поинакви од оние на сцената. Дали се снаоѓате?

Јас со музика сум со чиста цел, чиста визија и моментално имам огромна одговорност да ја претставам Македонија на Евровизија. Потпишав договор со Македонска радио телевизија, носител на тоа, иако јас сум гласот за сите нас. Да, има многу лавиринти, но изборот по која насока ќе одиме е наш. Мојот е да се фокусирам.

Во основа се случуваат работи кои и не се Ваша ингеренција, Вие сте музичар и музиката е задачата. Но, по обраќањето се создаде впечаток дека сте сам. Кој сѐ работи за Вас и успешниот настап на „Here I stand”?

Таква е перцепцијата зошто фокусот на нашиот народ е кон негативноста, напади, осудувања. Можам да ви кажам дека имам толку голема поддршка, морална и позитивна, и дека се спремам за нешто прекрасно. Токму затоа го снимав тоа видео на мојот канал, зашто сфатив дека луѓето вадат детали надвор од контекст и креираат нешто што е лага. Затоа јас решив, јас, Васил Гарванлиев, ќе застанам и ќе ви дадам факти за тоа што сум јас, кој сум јас и тимот тоа го поддржува и стои целосно позади мене. Главните луѓе на тоа се Јелмаз Дервиши, Ѓорѓи Вацев, Борче Димовски, Давор Јордановски, тоа е тој кор тим на луѓе кои се грижат за мене. Има и многу во позадина кои ме насочуваат од ПР и маркетинг аспект. Шеф на делегација Мери Попова, на прес Александра. Со сценски настап се занимаваат Тине и Мари од Шведска кои се погрижија за Тамара, ги запознав во Тел Авив и им реков: Дента кога ќе ми дојде шансата да одам на Евровизија не одам без вас, и многу ми е мило што тоа се случува, затоа што имаме нешто прекрасно. Тимот продолжува, Давор Јордановски и Борче Кузмановски се продуценти на песната, но тимот е многу поширок од тоа што го гледате.

Дојче Веле