Каракачанов објави список – „Половина“ ВМРО-ДПМНЕ со бугарски пасоши, партијата демантира

0
55

Александар Николоски, Антонио Милошоски, Никола Мицевски, Александар Пандов, Филип Петровски, Петар Богојески, се само дел од имињата кои на својот фејсбук профил ги објави бугарскиот министер за одбрана, Красмир Каракачанов. Тврди дека имаат  бугарско државјанство. Ги повика да гласаат за неговата партија на претстојните парламентарни избори во Бугарија

Над 120.000 граѓани на Република Македонија во својство на бугарски граѓани ќе имаат право на глас на претстојните парламентарни избори. Освен право на глас, сите овие ‘истакнати’ македонски Бугари, како и другите над 120.000 бугарски државјани во Македонија имаат право на бесплатна вакцинација против Ковид-19, како и еднаков пристап до здравствениот систем на Бугарија и целата ЕУ…“

Пишува Каракачанов на ФБ, додавајќи дека секое совпаѓање на имињата со политичари во Македонија може да биде случајно.

ТВ21 исконтактира дел од имињата од листата на Каракачанов, меѓу кои и Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ. Тој најостро ги демантира изнесените информации на бугарскиот министер.

„Имајќи в предвид дека Каракачанов е соочен со пораз на претстојните парламентарни избори, тој е очаен и мора да прави очајни потези. Во исто време бо Македонија се отвора најголемата афера до сега во однос на провизии кој што Владата сакала да ги земе за набавка на вакцини и очигледно Каракачанов сака да му помогне не неговиот пријател Зоран Заев, така што се работи за една координирана акција“, истакна Александар Николовски.

И претседателот на патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Пандов го демантира бугарскиот министер Красимир Каракачанов.

„Се колнам во крвта моја македонска дека тоа е лага и дека немам не патна исправа туку било каков патен документ, лична карта или било што не од Бугарија, од било која друга земја во светот. Тврдам исто дека тој во моментов се однесува како коолиционен партнер на Заев и Шекеринска и ова е класичен обид за дефокус на медоснката јавност од проблемите и аферите кои ги продуцираат Заев, Шекеринска, Филипче и СДСМ“, вели Александар Пандов.

Координаторот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Мицевски порача дека не е точно дека пратеници и функционери на ВМРО-ДПМНЕ имаат лични карти и државјанства на Република Бугарија.

„Очигледно секогаш кога треба да има дефокус од скандалите кои што ги има Зоран Заев во државата го користи другарчето Каракачанов кое излегува со со вакви скандалозни изјави“, посочи Никола Мицевски.

И Петар Богојески од Македониски концепт ги отфрли тврдењата изнесени од бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов.

„Јас денес го повикав или по брза постапка после овој негов чин да ми даде бугарско државјанство или ќе се соочиме на суд да ги докаже сите лаги кои последните две години ги шири за мене. Вклучително за тоа дека ме финансирал, ми давал стипендии за школување“, вели Петар Богојески.

Со реакција се огласија и од владеачката партија од каде што на ВМРО ДПМНЕ им порачаа сами да ги решаваат односите со Каракачанов, без да ги инволвираат нив. Од таму додаваат дека како и досега, СДСМ нема со каква било постапка да дава повод македонското прашање дополнително да биде злоупотребувано во кампањата во соседна Бугарија. Инаку, за претстојните парламентарни избори во Бугарија на 4 април, само 328 лица од Македонија се пријавиле за да гласаат во бугарската амбасада во Скопје. Бројот е далеку помал дури и од интересот кој бил забележан во Австралија каде за гласање се пријавиле 422 лица.

ИЗВОР ТВ21