Пратеничка од СДСМ позитивна на Ковид во скафандер дојде во Собранието за да обезбеди кворум

Бисера Костадиновска – Стојчевска дојде со возило на Итната помош, за кое од партијата соопптија дека самата го платила

Пратеничката на СДСМ Бисера Костадиновска-Стојчевска, позитивна на коронавирус, пристигна во скафандер во Собранието за да учествува во работата на 32 и 36 седница и да обезбеди кворум доколку опозицијата одлучи да бојкотира.

Присуството го најави преку социјалната мрежа „Фејбук“.

„Пристигнувам во Собранието, со целосна заштитна КОВИД-19 опрема, за да учествувам на денешната седница на која ќе ги усвоиме законите кои обезбедуваат финансиска помош за илјадници граѓани и компании.
Позитивна сум на КОВИД-19, но добро се чувствувам, со силна одлучност денес да победи народот.
Нема да дозволиме уцени! Мојата должност како пратеничка е постојана и благородна. И здрава и болна, имам обврска да направам сѐ граѓаните да ја добијат помошта која Владата ја обезбеди за нив“,на пиша Костадиновска – Стојчевска.

Од опозициската ВМРО – ДПМНЕ обвинија за театар и за кршење на протоколите и законите за заштита на јавното здравје.

„Законите важат за сите граѓани, и за пратениците. Ако се дрзнат да го загрозат здравјето, ќе ги прекршат законите. Како после ќе бараме од граѓаните да ги почитуваат законите? Ги замолувам да не прават театар“, рече Мицевски.

Тој најави дека ќе му предложи на спикерот Џафери натаму да закажува ковид-седници, на кои ќе бидат само закони кои се поврзани со пандемијата, било да се здравствени или финансиски.

Во Собранието денеска би требало да бидат изгласани законите од петтиот антикризен пакет со што тој треба да стане функционален. На веб страницата на Собранието во 14:15 часот е закажана 36. пленарна седница на чиј дневен ред се законите од петтиот пакет, а претходно во 14 часот е закажана 32. седница.

Законите од петтиот пакет се очекуваше да бидат изгласани во четвртокот, координаторите на пратеничките групи, дел од пратениците и претседателот на Собранието повеќе од два часа се расправаа дали да се гласа по точките од 32. седница и потоа да се продолжи 36. седница или да се одложи гласањето поради немање кворум и да се продолжи со 36. седница.