Данок за сите што се збогатија за време на пандемијата

0
20

Светските влади треба да размислат за „солидарност“ оданочување на лица кои се збогатија за време на пандемијата на коронавирусот, со цел да се намали екстремната нееднаквост во светот, изјави денес генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш.

„Треба да се погрижиме дека парите се насочени таму каде што се најпотребни. Најновите откритија ни сигнализираат дека богатството на најбогатите луѓе во светот е зголемено за 5 илјади милијарди долари во изминатата година“, рече Гутереш на сесијата на ООН за финансирање на развојот.
Тој повтори дека групата 20 најбогати земји во светот треба да го продолжи мораториумот за сервисирање на долгови до 2022 година и да го прошири со цел да им помогне и на земјите во развој и на оние со средно развиена економија да се опорават од пандемијата, пренесува ХИНА.

„Не смееме да бидеме задоволни со олеснување на отплатата на долгот, но мора итно да ја зајакнеме архитектурата на меѓународното задолжување со цел да ги запреме смртоносните циклуси на должнички обврски, глобалната должничка криза и изгубените децении“, нагласи генералниот секретар на ООН.
Тој го повтори својот повик вакцините против ковид-19 да бидат достапни за сите земји и да се обезбедат дополнителни пари за финансирање на фондот за дистрибуција на вакцини КОВАКС.

„Инсистирањето на еднаквост во глобалниот одговор на пандемијата и закрепнувањето е тест за мултилатерализам, на кој во моментов немаме преодна оценка.
„Само 10 земји во светот имаат околу 75% вакцини“, истакна првиот човек на ООН.