13.000 граѓани се вакцинирани против Ковид-19 во земјава

0
21

Во 20.00 часот стапува на сила новиот полициски час и под клуч во идните две недели одат угостителскиите објекти, а обложувалниците ќе работат на шалтерски систем. Новите рестриктивни мерки треба да го намалат ширењето на вирусот и притисокот врз болниците каде во моментов поради компликации од корона вирусот се хоспитализираби 1.744 лица.

„Во ваква ситуација кога имаме преоптеретени болници дополнително комплицирање на ситуацијата која што очекуваме да се случи за време на празниците, доколку не се почитуваат празниците, како што тоа беше случај лани, ние нема да може да издржиме, ниту пак ќе може добро да се изменаџира. Едноставно мораме да го олабавиме притисокот кон болничките установи“, вели министерот за здравство, Венко Филипче.

Куманово, Битола, Кичево и Тетово се критичните градови каде бројот на новозаболени расте, но Филипче се надева дека нема да се повтори пикот од 1 април со хоспитализаиција на лица со компликации од коронавирусот. Вели, има доволно кревети да ги примат сите на кои им е потребна хоспитализација.

Во меѓувреме во салата Борис Трајковски втор ден по ред тече вакцинацијата со „Спутник В“ на медицински лица, а по полицијата денеска таму вакцината ја примаат и припадниците на Армијата. Според сегашното темпо вакцинацијата со 20-те илјади вакцини на „Спутник В“ ќе заврши за околу една недела.

„Сигурно во периодов кој што е пред нас ќе дојдат и другите 20.000, што значи дека сите граѓани кои што сега тука се вакцинираат ќе бидат ревакцинирани. Значи тој процес ќе трае. Имаме некои најави дека помеѓу 15 и 20 април треба да стигнат и кинеските и фајзеровите вакцини од нашиот директен договор и од трипартитниот договор од Европа, но тогаш кога ќе имаме конкретни датуми, тогаш ќе соопштиме“, вели Филипче.

Повозрасната граѓани пак на вакциналните пунктови и денеска во Центрите за јавно здравје ја примаат вакцината Астра Зенека и старосната граница за вакцинација со оваа вакцина, од постари од 77 години, е спуштена на над 75 години. Министерството, вели Филипче, се уште ја чека одлуката од Европската агенција за лекови дали со оваа вакцина да ја примаат и помлади од 65 години, а се чекаат и списоците од Србија на македонските граѓани кои се вакцинираа таму, најмногу од нив со вакцината Астра Зенека.

„Во однос на ставот на ЕМА, закажан е состанок на бордот за периодот меѓу 6 и 9 април и тогаш ќе ги чекаме тие препораки. Доколку ставот е да се продолжи, да нема никаков проблем, сите ќе можат да бидат и ревакцинирани. Ние утрово разговаравме со српскотот министерство за здравство, ги очекуваме списоците. Граѓаните ќе можат тука да се ревакцинираат, согласно препораките“, информираше Филипче.

Бројките пак кажуваат дека до утрово во земјава се вакцинирани околу 13.000 граѓани, од кои досега не се пријавени несакани последици од вакцинацијата.

ПРЕЗЕМЕНО ОД ТЕЛМА ТЕЛЕВИЗИЈА