ПРЕМИЕРОТ ЗАЕВ ДЕНЕСКА СЕ СРЕТНА СО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОВЕТОТ НА ЕУ ШАРЛ МИШЕЛ

0
45

Европа чувствува дека мора да направи исчекор за Македонија – ова е пораката на премиерот Заев по средбата со Претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел.

Македонскиот премиер изрази уверување дека првиот човек на советот Мишел има разбирање и волја за некакво поместување во однос на Македонија на претстојниот јунски совет на ЕУ за кога изрази надеж дека очекува да биде свикана првата меѓувладина конференција, доколку се надмине блокадата од официјална Софија.

-Европа си го чувствува проблемот и обврската дека конечно мора да направи исчекор, секако доминантно заради Македонија којашто чека 16 години, која има преку дваесетина вета и навистина е на врвот со извршување на реформите, потврдено во сите извештаи и сме модел на европски начин на решавање на проблемите. На крајот треба Европа да испорача само пола чекор, затоа што ние имаме одлука за почеток на преговорите, не е за поглавјата туку е за првата Меѓувладина конференција, рече Заев.

Позитивно според премиерот е фактот што тензиите меѓу Македонија и Бугарија како што ги нарече, се спласнати, но додаде дека не треба да се креваат очекувањата на граѓаните бидејќи Бугарија има привремена Влада.

-Треба да имаме чиста одлука затоа што зборуваме за прва Меѓувладина конференција. Секој пат можеме да реферираме за исполнување на договорот со Бугарија, за Преспа, за исполнување на нашите реформи, но верувам дека ќе имаме сериозен фокус од сите. Секако постои една резерва, тоа треба да го знаат нашите граѓани, секогаш сум го споделувал. Техничка влада е во Бугарија, да не ги дигнеме очекувањата па да бидеме сите разочарани. Јас се спремам да направам се, претседателот Пендаровски исто така, министерот за надворешни работи исто така, ќе направиме се, но очекувањата не смееме да ги дигнеме високо за да не се разочараме, влеи Заев.

Шансите за Македонија да добие датум за преговори со Унијата на јунскиот самит се мали, имајќи предвид дека парламентарните избори во Бугарија се закажани за во Јули, а привремената Влада најави дека нема мандат да ја промени позицијата за Македонија. Од македонска страна пак, премиерот Заев порача дека земјава нема да преговара за македонскиот јазик и идентитет, како услов за влез во Унијата.

Извор Канал5