Стоев: Техничката влада на Бугарија нема надлежност да ја менува позицијата кон С Македонија

0
17

Позицијата на Бугарија за С Македонија е усвоена со консензус од сите политички партии во парламентот и нема да се промени, рече новиот технички министер за надворешни работи на Бугарија, Светлан Стоев, за време на преземањето на функцијата.

Тој истакна дека привремената влада нема ниту овластување за да менува одлуки, но дијалогот ќе продолжи.

„Немаме надлежност да ја промениме позицијата на Бугарија кон Северна Македонија. Тоа што зависи од официјалниот кабинет на Бугарија и од министерот за надворешни работи ќе биде сторено во насока на продолжување на дијалогот“,

изјави Стоев откако ја презеде функцијата од досегашната министерка Екатерина Захариева.

Тој истакна дека бугарската техничка влада ќе продолжи да се придржува кон досегашните позиции на Бугарија за Република Северна Македонија и дека не треба да се шпекулира за евентуална промена на бугарската позиција во следните два до три месеци додека трае техничката влада.