Влада: Логото не го содржи државното знаме, сонцето е различно

0
18

Бурни реакции во јавноста за новото лого кое Владата го обајви по повод 30 години независност на државата. Граѓаните бараат одговори зошто сонцето е преполовено, има повеќе зраци од државното знаме. Во дел од реакциите има коментари и дека логото е несреќно одбрано и бараат од Владата да каже кој го изработил.

Од владината прес служба објаснуваат дека јубилејното лого предизвикало низа недоразбирања во јавноста, бидејќи како што велат на логото не е државното знаме туку сонце кое е различно од тоа на знамето. Логото, потенцираат од владата, е составено од повеќе елементи, меѓу нив и новото уставно име. Токму тоа наиде на отпор кај јавноста, бидејќи новото уставно име беше изгласано пред 2 години, а со новото лого се поврзува со 30 години независност.

Користењето на државното знаме е јасно уредено со Закон- категорични се од владината прес служба. Објаснуваат и дека и оваа, и други влади, за државни празници низ годините наназад, често користеле разни варијации на сонцето како симбол кој зборува за државноста на нашата земја.

Автор на логото е тимот графички дизајнери при Секторот за односи со јавноста во Владата.
Владата смета дека знамето на Република Северна Македонија има специфична државна вредност и дека истото не треба да се става во логоа за прослави туку истото треба да се користи издвоено, засебно, чисто, со јасно истакнување на настани и исклучиво онака како што е пропишано со Законот за употреба на грбот, химната и знамето.
Затоа, сонцето употребено во логото за 30-години независност е со поинакви и поголем број краци од сонцето од државното знаме.

Телма Телевизија