Пет нови случаи на делта сојот – Филипче: Далеку сме од колективен имунитет, наесен рестриктивни мерки

0
19

Во последната недела се регистрирани уште 5 случаи на делта сојот – 3 во Скопје и по еден во Куманово и Тетово, изјави министерот за здравство, Венко Филипче, додавајќи дека единствениот начин да ѝ се стави крај на пандемијата е токму вакцинирањето. Треба граѓаните да се свесни, дека ако не се вакцинираат се ставаат во висок ризик. Сите вакцини штитат од нови мутации, уверува првиот човек на здравство.

Извештајот од последната недела објавен од Институтот за јавно здравје, укажува на раст на позитивни случаи во споредба со претходната недела, и тоа за 34%. Зголемување на бројот на новите ковид-случаи има кај сите возрасни групи, но најмногу кај лицата од 10 до 19 годишна возраст. Министерот најавува рестриктивни мерки доколку се соочиме со нов бран во септември, меѓутоа, како што додава, сега за сега нема потреба од затворање.

Пред еден месец, ресорниот министер рече дека имунизација на 80% од населението ќе се постигне до крајот на летото, но сега со доза песимизам вели дека сме далеку од колективен имунитет. Во однос на процесот на имунизација реагираше и ВМРО-ДПМНЕ, од каде велат дека граѓаните се заинтересирани за вакцинација, но дека има недостиг на вакцини и доцнење во набавката непосредно пред новиот есенски бран на Ковид-19.