ЗА ЃУБРЕТО, ПАНДЕМИЈАТА И УШТЕ НЕШТО

0
234

Пишува Зоран Касап Стојановски

Во Тетово си среќен ако фрлиш ѓубре во контејнер. Контејнерите скоро секогаш се преполни, а тротоарите пливаат во гнасотилаци. Сакал ти или не, ќе го фрлиш ѓубрето на улица над засмрдениот куп, ќе ги подигнеш рамената и ќе си се вратиш дома, да ги измиеш рацете со подтурање вода од шише.

Тетово нема вода, ама плива во ѓубре.

Ѓубрето плива по реката. Битно е натписите на фирмите од двете страни на реката да течат двојазично. Е, тоа ни го чува здравјето.

Во Тетово има закон за фрлање ѓубре на улица. (Истиот закон за јавна чистота што важи за цела држава). Казната е 50 евра. Ама законот нема смисол. Ако не го фрлиш ѓубрето на улица, кај ќе го фрлиш? Дома ли ќе го таложиш во дневна, во детска, додека не се испразнат контејнерите и се расчистат тротоарите?

Ќе го фрлиш значи на улица, а следните две-три недели, смрдениот куп на улицата ќе се надигне како зовриено кисело млеко со одамна поминат рок. Корите од лубеница ќе се потсушат, влошките ќе набубрат, лушпите од компир, кромид, краставици ќе се залепат за употребените кондоми со мирис на трула ванила… Од жештината се ќе се разлепи под нашите нозе и под тркалата на илјадниците бесни автомобили.

За тие две недели, покрај засмрдениот куп ѓубре во центарот на градот, ќе поминеме околу 2400 до 3500 минувачи. Мажи, жени, деца, македонци, албанци, роми, по некој србин, хрват, конфекционерки, таксисти, наставници, професори, административци, директори, патриоти, предавници, бранители, учк, илирида, борци за човекови права, деца со посебни потреби…

Ќе си ги потклоцнуваме згмечените мрсни картони за да не ни се залепат за едната нога, а расцедените пластични шишиња ќе ги шутираме со другата и ќе си подпевнуваме: „Одиме на европско првенство, таму ни е место.“

Па ќе ги подигнеме рамената и ќе си заминеме секој по својата работа. Некои за корка леб, други за чалам. За да постираат од кафичите со поглед на дива депонија или од работното место, слики на фејсбук од некоја прослава сред пандемија, кафана, од некое море додека се околу Беровско езеро гори, од некој одмор каде се ни е убаво, чисто, богато и релаксирано.

А на враќање дома пак ќе направиме слалом низ неколку градски депонии и ѓубриња каде се е гадно и токсицирано. Ама дома ќе се постира уште еднаш:

Таа (тој) се чувствува живо… (Зашто под балконот им смрди и чади ѓубре, изгорена пластика и најлони?)

Кога се чувствуваш релаксирано и живо нема зошто да поднесуваш по неколку илјади жалби, тужби, како политичарите што поднесуваат по илјадници амандмани. Нема да им го фрлаш ѓубрето пред надлежните како на времето боја по фасадите. Нема да пукаш за човекови права.

Очигледно ни е убаво сред ѓубре. Или ни е страв? Или едноставно мора да се улизуваме. Таков ни станал колективниот карактер.

Секој ден во Тетово, пет-шестнаесет години наназад, покрај градските мини депонии продефилируваат по неколку паради на срамот. Ако веќе некој од нас знае што е тоа срам.

Триесетина години наназад партиските војници од сите партии гинат по штабовите. Што ли зборат таму? Удираат ли по маса и нон стоп викаат: „Загадено е! Не може веќе вака! Ова е срам! Словенија е најчиста земја на светот, а ние Република Дива депонија! Сами ги труеме нашите деца! Ќе се ракосаат! Ни треба селекција на ѓубрето! Бараме рециклажа! Модерни депонии! Чаре под итно или оставки! Дај да ги селектираме најспособните луѓе по строги критериуми за да донесат промени!“

Не, не викаат така. По маса секако удираат, ама викаат: „Ја сум меѓу најстарите у партија! Ќерка ми да се вработи! Син ми да се вработи! Лепеше плакати! Ја трчав за вас!“

И веројатно никој не го спомнува ѓубрето што смрди со децении пред институциите, пред школите, пред градинките каде веќе одамна ги вработиле ќерките, па синовите, жените, братучедите, послушниците. Додека чекаат награда за екстра сработеното во администрација…

Оние што немаа каде да чукнат, и оние што чукаа ама никој не им отвори, и оние кои сватија дека сите сме овде одамна чукнати, видоа-невидоа, заминаа за Германија, Италија, Велика Британија, Швајцарија, Шведска, Америка, Канада, Австралија…Сегде кај што фрлање на ѓубре на сред улица е вон умот.

По некој од оние што остана си ја потпевнува тивко во себе за да не чуе никој, онаа од Балашевиќ: „Путуј Европо, супер смо се дружили. Нама је добро. Баш ко што смо заслужили.“

Повеќето се удираме јуначки по градите и ја пееме секој својата химна, си ги величаме секој своите безгрешни луѓе, се плукаме меѓусебно и чекаме да дојдат нашите. „ Е, тогаш ќе видите убаво, вие другите! Само нека дојдат што побргу овие избори сега!“

Во меѓувреме многу бргу ќе дојдат нови зарази, нови вируси, соеви и кластери, пандемии, пожари, поплави. И ќе изгори еден дел од Македонија, и ќе се потопи другиот. И од Северна и од Вечна.

Зашто тоа Господ нас не припрема за во пеколот.