Во регионот се повлекуваат штетни сладоледи, Македонија допрва ќе спроведува инспекциска контрола

0
17

Земјите од регионот од полиците ги повлекуваат сладоледите „Bounty“, „Snickers“ и „Twix“, кои се увезени од ЕУ земји, а во нив имаат зголемено ниво на етилен оксид, додека во Македонија допрва ќе се спроведува инспекциска контрола за тоа дали и во земјава се увезени такви сладоледи.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за Плусинфо информираат дека вчера попладне до нив е пристигната нотификација (број 2021.3720) од системот за брзо предупредување за храна и храна за исхрана на животни (РАССФ) на Европската Унија, која е поврзана со увезени небезбедни кондиторски производи коишто во својот состав содржат адитив со наод на етилен оксид. Станува збор за адитивот „locust bean gum“.

– Согласно воспоставената процедура за постапување по добиената нотификација, инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство вршат контрола кај двајца оператори увозници. По спроведената инспекциска контрола ќе бидат утврдени количините и видовите увезени производи и ќе се дефинираат насоките за понатамошно дејствување – велат од АХВ за Плусинфо.

Оттаму додаваат дека по спроведените инспекциски контроли кај двата оператора и доколку бидат откриени спорни сладоледи, тие ќе бидат повлечени од употреба.

Министерството за земјоделство на Хрватска, уште во петокот, заедно со увозникот од претпазливост ги повлекле производите „Snickers xtra ice cream“ 66 g-single, „Snickers ice cream“ 48 g – 6 pack box, „Twix ice cream“ 47 g – single, „Twix ice cream“ 34,2 g – 6 pack box, „Bounty ice cream“ 39,1 g – 6 pack box и „M&Ms peanut ice cream stick“ 62 g – single.

Производите кои се отповикани имаат различни датуми на истекување и број на серии, а со известувањето е објавена и табела со повлечените производи.

Истото денес се случи и во Србија, каде од полиците и магацините низ земјата биле повлечени спорните сладоледи со зголемено ниво на етилен оксид.

– Кој и каде да ја открие која било неправилност, тоа влегува во системот, така што ги алармира сите во синџирот да постапат на соодветен начин. Наша работа е да ги штитиме потрошувачите, а тоа ќе го правиме и во иднина – изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на Србија, Бранислав Недимовиќ.

Тој додаде дека на 2 август од страна на системот за брзо известување на Европската Унија во министерството пристигнало известување како дополнителна информација дека сладоледот увезен од Франција го содржи стабилизаторот „Lygomme FM 4600/Box25/STD/E800“, кој во Шпанија бил регистриран дека има етилен оксид над дозволените граници.