Откажан е концертот, ама не и прославата за 20 години Рамковен договор

0
24

Груби тврди дека централниот настан по повод јубилејот ќе се одржи во сала за 1 500 луѓе, во која ќе има до 200 гости, со маски и на дистанца од 1,5 метар.
„Не ја разбирам оваа масовна хистерија по социјалните мрежи и се надевам дека не се однесува на Охридскиот договор и на неговата имплементација“, вели Груби
Откажан е големиот концерт по повод дваесетгодишнината од Охридскиот рамковен договор, соопшти првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби. Со тоа, како што рече, Министерството покажува доблест и ги уважува препораките за заштита од ковид-19.
„Согласно со програмата за одбележување на Рамковниот договор предвиден е огромен концерт на плоштадот „Македонија“ во Скопје, вечерта на 13 август, што Министерството за политичкисистем реши да го одложи и да не се одржи, поради новите состојбите со коронавирусот. Со тоа покажуваме дека сме доблесни и дека разбираме и ги откажуваме сите можни манифестации, каде што има ризик од зараза,

изјави Груби во Тетово, каде што на Универзитетот на Југоисточна Европа се одржа панел-дискусија по повод 20 годишнината од Охридскиот договор.
Сепак, останува да се одржи прослава во хотел, каде што е предвидено да присуствуваат околу 200 луѓе.

„Сите настани и денешниот се согласно со протоколи против ковид, а централниот настан во хотелот ‘Александар Палас’, на 13 август, ќе биде во сала која собира 1500 луѓе, а ќе присуствуваат не повеќе од 200 луѓе кои ќе носат маски, ќе бидат со оддалеченост поголема од 1,5 метар еден од друг и ќе се мери температура пред влезот. Затоа не ја разбирам оваа масовна хистерија по социјални мрежи. Се надевам дека не се однесува на Охридскиот договор и на неговата имплементација, туку дека навистина станува збор за загриженост околу здравствените протоколи“,

рече вицепремиерот Груби.
На панел дискусијата на Универзитетот на ЈИЕ, тој посочи дека, на неколкуте вакви настани досега, главна забелешка е спроведувањето на уставните одредби од Рамковниот договор. Тој образложи дека имплементацијата претставува секојдневен и постојан процес, а дека следува фаза која ќе ги опфати децентрализацијата и регионалниот рамномерен развој.

„Главната забелешка е во однос на имплементацијата на одредбите од Рамковениот договор, при што сите констатираме дека нормативниот дел кој произлегува од Уставот е веќе усвоен од Собранието и институциите додека спроведувањето е секојдневно и доживотно. Затоа сметам дека се уште има потреба и има простор за унапредување, посебно на правичната и адекватна застапеност, но и на рамномерниот развој на регионите. Со придонес на академикот Беџети, ги усвоивме законите во Владата и се поднесени во Собранието, така што се надеваме дека ќе се усвојат во следните неколку недели за да пристапиме кон рамномерен регионален развој, како предусловите за понатамошна децентрализација. Ја продлабочуваме и фискалната и институционалната децентрализација за да ги засилиме општините да бидат вистински сервис за граѓаните“,

изјави Груби.
На панел-дискусијата учествуваа министри на ДУИ, професори и студенти. На новинарско прашање зошто нема претставници од другите политички партии, Груби рече дека биле поканети на повеќе начини, но оти не дошле.