ВИДЕО – Уметничкиот белег на образованието во Тетово кој 55 години стоеше во холот на тетовската гимназија, академскиот сликар Павле Кузмановски повторно го оживеа

0
31
Муралот на тема Образование во гимназијата Кирил Пејчиновиќ во Тетово, творба на академскиот сликар Павле Кузмановски, кој неодамна беше уништен односно премачкан со поликорол, повторно е таму каде што му е местото, во образовна институција. Делото автентично на стариот мурал, сега е насликано во основното училиште Братство Миѓени во Тетово.

Уметничкиот белег на образованието во Тетово кој 55 години стоеше во холот на тетовската гимназија, академскиот сликар Павле Кузмановски повторно го оживеа.

Кузмановски вели дека со задоволство ја прифатил иницијативата на училиштето, ликовната творба да биде насликана, автентична како таа пред 55 години, кога за неа добил и награда од тогашното раководство на гимназијата.

-Добра иницијатива која ја прифатив со задоволство. Делото овој пат автентично го насликав на платно на основа на фотографија од Зоран Андонов, кој ја зачувал од муралот, а кој го изработив уште во 1966 година, рече академскиот сликар Павле Кузмановски.

Предизвикот на мои години да го работам истото дело беше голем, но желбата да му се остави оваа уметничка композиција на градот со која живелее многу генерации, уште поголема.

-Го работев во моето ателје 40 дена ова лето, желбата да му се остави нешто на градот е голема, добро е што се уште имам способност за оваа уметност, додаде Кузмановски.

Инаку муралот по речиси 6 децениии постоење раководството на тетовската гимназија изминатава пролет реши да го премачка со поликорол за време на реконструкцијата на зградата. Но, благодарение на тие што ја ценат уметноста, делото и натаму ќе живее во образовните институции во Тетово.

 

МТВ