Уште една недела за проверка на гласачите во Избирачкиот список

0
21

Седум дена преостануваат за јавниот увид во Избирачкиот список (9 септември на полноќ), а девет дена (11 септември на полноќ) за поднесување на кандидатските листи за градоначалници и советници до Општинските изборни комисии за локалните избори закажани за 17 октомври.

Јавниот увид во Избирачкиот список може да се направи во подрачните единици и канцеларии на Државната изборна комисија и електронски преку веб страната на ДИК.

До 1 септември вкупно 10 724 лица се провериле во Избирачкиот список.

– Поднесени се вкупно 27 барања за запишување во Избирачкиот список, 23 барање за бришење на податоците од Избирачкиот список и 15 барања за измена на податоците во Избирачкиот список, посочија од ДИК. Исто така, до ДИК на е-маил адресата upisis@sec.mk се поднесени вкупно 35 барања.

Истовремено тече рокот и за пријавување на набљудувачи на локаните избори.

Иако кампањата не е започната потенцијалните и најавени учесници на изборите ги започнаа своите активности како на терен меѓу граѓаните така и на социјалните мрежи. Партиите деновиве треба да ги соопштат преостанатите кандидати за градоначалници и за советници за локалните избори. Тие најавуваат позитивни кампањи, но продолжуваат меѓусебните обвинувања.

До крајот на неделава се очекува во земјата да пристигнат првите 200 терминали од компанијата „Дермалог“ за вчитување на отисоци од прсти на гласачите. Вакви терминали ќе се применат првпат на овие избори.

Премиерот Зоран Заев смета дека се уште има време за да пристигнат терминалите за отпечаток од прст и навремено да се почне со подготовките на изборите што ќе се одржат на 17 октомври.

-Навистина не ги знам деталите и се информирам од медиумите. Мојот личен впечаток е дека ќе стигнат навреме терминалите затоа што има се уште време, дури и за првите терминали за тест периодот во кој е предвидено да има тестирање за да може комплетно да ги покриеме сите избирачки места, рече Заев вчера во изјава за медиумите.

Локалните избори на 17 октомври ќе се спроведат согласно Изборниот законик, којшто иако имаше најава нема да се менува.

Министерот за правда Бојан Маричиќ вчера изјави дека измените во Изборниот законик ќе се разгледуваат по спроведувањето на локалните избори. Тој смета дека нема никаква смисла сега да се прават измените, ниту, како што вели, сакаат да вознемируваат кого било или да одмагаат на некој во изборниот процес, со тоа што би менувале правила, а кои непосредно влијаат на изборниот процес.

Ние, како Влада не планиравме никаков потег, затоа што видовме дека имаше блокада и не можеше да се реализира измената на Законот пред летниот распуст на Собранието. Меѓутоа, сега само доколку пратениците мислат дека имаат, има потреба од некаква измена, иако е тешко, со оглед на тоа што времето е кратко до изборите. Собранието работи уште овој месец, некаде до 27 септември, потоа заради кампањата повторно ќе биде на пауза, вели Маричиќ.

Посочи дека остануваат како Министерството за правда и Влада доколку се утврди потреба од измени во Изборниот законик пред спроведување на локалните избори, за да помогнат во делот на формулација и во поддршка за негово донесување. Дел од препораките на ОБСЕ и ОДИХР не се врзани со конкретни рокови, но сè зависи од волјата и динамиката на Собранието.