За време на пикот и после тоа во полошко лабаво, 308 лица казнети за непочитување на заштитните мерки против КОВИД 19

0
18

И кога беше пикот на болеста, како и сега кога е стабилизирана состојбата, жителите на полошко и натаму не ги почитуваат здравствените прописи за спречување и ширење на пандемијата. Статистичките податоци на полицијата, говорат дека за изминативе девет месеци од годината, во полошкиот регион каде изминатово лето имаше најголем број на заболени, хоспитализирани и починати вкупно 308 лица биле казнети поради непочитување на здравствените прописи. Голем дел од луѓето, иако имале решенија за изолација излегувале од своите домови, дел од нив оделе во ресторани и заедно со сопствениците седеле доцна во ноќта, спротивно на законските прописи.

Ширењето на заразата беше и токму поради ваквите прекршувања, особено организирањето на разните свадбени церемони, сунети и веридби, каде и покрај забраната тие беа масовни, а кога се олабавија мерките токму на овие прослави воопшто не се почитуваа протоколи, па често имаше кластери од семејни веселби, а младоженци и сватови завршуваа во ковид центрите веднаш по прославите.   

„Во деветте месеци од годинава на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Тетово евидентирани и соодветно расчистени се вкупно 197 кривични дела „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“.Од нив 111 се сторени во Тетово, а 86 во Гостивар. Ова кривично дело е казниво по член 206 од Кривичниот законик, а за сторителите е предвидена парична или казна затвор до една година.Покрај тоа, во овој период регистрирани се и 35 кривични дела „пренесување заразна болест“, за кои согласно член 205 од Кривичниот законик предвидена е парична или казна затвор до три години. Сите овие кривични дела биле заокружени со 230 кривични пријави со кои се опфатени 308 сторители (некои се и повеќекратни прекршители), од кои 211 се од Тетово, а 97 од Гостивар“, изјави портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.

 А дека не се почитуваат протоколите и мерките говори и самата состојба на терен. Голем дел од луѓето во затворени простории не носат заштитни маски, не се држи потребната социјална дистанца. Колку за пример за изминативе 9 месеци полицијата на 13.289 лица, 7.733 од Тетово и 5.556 од Гостивар, им поднела пријава за неносење заштитна маска.

 Д-р Гзим Нуредини координатор на Ковид центарот при Клиничката болница во Тетово апелира препораките и понатаму да се почитуваат оти можеби се и тие пресудни како ќе ја пречекаме зимата, не дај боже како што вели како претходните четири брана на вирусот, кој во полошко косеше и однесе голем број на човечки животи

 „ Сега во овој момент е намален бројот на заболени и хоспитализирани лица во Тетово, па со тоа опаѓа и стравот кај луѓето од заразата.Иако во изминатиов период имаше голем број лица што се вакцинирани и што ја прележале заразата, ние како здравствени работници не очекуваме да има драстични зголемувања на бројот на заболени, или некој голем бран, сепак мораме и понатаму строго да се држиме и да ги почитуваме заштитните мерки“, истакна д-р. Гзим Нуредини координатор на  Ковид центарот при Клиничката болница Тетово.

Изминативе две недели намален е бројот на амбулантски прегледи на лица сомнителни на вирусот, како и бројот на заразени, а во Ковид центарот има хоспитализирани 3 лица кои се на кислородна подршка.