Полицијата открила една фотокопирница каде незаконски се „штанцаат“ учебници – Царовска лично ќе ги пријавувала

0
20

Само по еден случај постапиле МВР за незаконско печатење учебници за 4 одделение. На почетокот од учебната година добиле пријава за лице од Штип кој продавал учебници преку интернет. Полицијата во фотокопирниците пронашла 20 комплети од по 6 книги. За други немаат добиено пријава.

„Од страна на полициски службеници од СВР Штип по наредна на Јавен обвинител од фотокопирници во Штип биле пронајдени и одземени неовластено испечатени 20 комплети од по 6 книги наменети за учениците од четврто одделение од основно образование, кои С.Р ги нудел на продажба преку социјалните мрежи. СВР Штип до ОЈО поднесе известување за понатамошхна надлежност за постапување.“ – велат од МВР

Министерката Царовска вчера истакна дека таа лично пријавила и побарала од МВР да постапат за неколку случаи за кои добила сознанија, но денеска не откри дали се работи за истото.

Родители споделија дека комплет учебници можат да се купат во речиси сите книжарници во оригинална корица. За 4 учебници за четврто одделение плаќаат по 1600 денари. Поради недостаток на услови, смарт табли и таблети во  училиштата се служат и со фотокопии на овие учебници, кои во ваква форма може да се симнат од официјалната страна е-библиотека. Останува нејасно зошто се продаваат и зошто има потреба да се користи хартиена форма на учебници во реформираната настава за 4 одделение. Инаку учебниците се бесплатни а од МОН тврдат дека испечатиле и доставиле 20 отсто од вкупно потребниот тираж за оние кои дома немаат услови за дигиталната настава. Министерката потенцираше дека родителите ќе им направат штета доколку им наметнуваат учебници на децата бидејќи целта е да добиеме дигитална писменост.

Сител телевизија