Прва таблетка ПРОТИВ КОРОНА

0
81

Таблетката го преполовува ризикот од хоспитализација и смрт од ковид -19 и тоа ќе биде првиот орален антивирусен лек, доколку биде одобрен од Администрацијата за храна и лекови на САД.

Германската фармацевтска компанија „Мерк“ објави дека нејзиниот орален лек против ковид, молнупиравир, ги намали шансите за хоспитализација или смрт за 50% кај пациенти кои се изложени на зголемен ризик од сериозни болести, покажаа прелиминарните клинички студии објавени денеска.

„Мерк“ и партнерската компанија „Риџбек Биотерапевтика“ планираат да бараат одобрение за итна употреба во Соединетите американски држави и ќе испратат апликации до здравствените регулаторни тела ширум светот, пренесе Ројтерс.

Поради позитивните резултати, третата фаза од клиничкото испитување беше прекината по препорака на независно супервизорско тело.

„Ова ќе ја смени приказната за тоа како да се бориме против ковид“, рече Роберт Дејвис, извршен директор на „Мерк“, за Ројтерс. Доколку е лиценциран, молнупиравир, кој што е дизајниран да открива грешки во генетската ера на вирусот, ќе стане првиот антивирусен лек за ковид.

Прелиминарните анализи на 775 пациенти кои учествуваа во студијата на „Мерк“ покажуваат дека 7,3 проценти од луѓето кои примале молнупиравир биле хоспитализирани или починале 29 дена по третманот, во споредба со 14,1 проценти од оние на кои им било дадено плацебо.

Според АП, по 30 дена од земањето на лекот, немало смртни случаи во групата која примала молнупиравир, додека имало осум смртни случаи во групата која примала плацебо лек.

„Антивирусниот третман што може да се спроведе дома е исклучително важен, бидејќи ќе ги држи луѓето надвор од болницата“, рече извршниот директор на Риџбек, Венди Холман.

За време на студијата, која беше спроведена низ целиот свет, молнупиравир се земаше на секои 12 часа, пет дена. Студијата вклучи пациенти кои имаа блага или умерена форма на ковид и кои немаа симптоми повеќе од пет дена.

Сите пациенти имаа зголемен ризик, без разлика дали се работи за дебелина или припаѓаат на повозрасна група луѓе.

Од „Мерк“ изјавија дека со секвенционирање, дошле до заклучок дека молнупиравир е ефикасен против сите видови на коронавирус, вклучувајќи го и доминантниот вид на делта.