ВМРО официјално ја поднесе иницијативата за укинување на техничката Влада

0
30

ВМРО-ДПМНЕ и формално ја поднесе иницијативата за укинување на моделот на техничката влада. Опозициската партија оценува дека ваквиот модел на организирање на институциите пред избори се покажал како неефикасен и нефункционален. Донесувањето на оваа предлог-измена на законот за влада не е условена со брзи избори, иако тие велат дека се неизбежни.

СДСМ го оценува позитивно фактот што опозицијата признава дека државата има институции кои можат да организираат кредибилни избори. Но, тие нема да ја поддржат иницијативата од повеќе причини.

И ДУИ се согласува дека овој модел на привремена влада треба да се укине, но бара консензус.

„ДУИ претходно има постигнато договор и со СДСМ и со ВМРО-ДПМНЕ, за укинување на техничката влада, бидејќи е нелогично земја членка на НАТО, земја аспиранти за членство во ЕУ да има техничка влада поради недоверба во институциите. Имаме денови пред нас за да разговараме, дискутираме, да ги анализираме најдобрите законски решенија за ова прашање и да постигнеме консензус“, рече Арбер Адеми, ДУИ.

Самиот Христијан Мицкоски и Зоран Заев во изминатиот период неколкупати се договорија и изјавија дека моделот на техничка влада или влада по пржинскиот модел е неефикасен и треба да се укине. Овој модел на организирање на институциите за прв пат беше инсталиран по пржинските преговори во 2016 година, поради недовербата во институциите што тогаш ги имаше опозицијата на Заев. Се спроведува 100 дена пред денот на парламентарните избори. Опозицијата станува дел од привремената влада со водење на некои од клучните институции за организирање на изборите.