(Фото/Видео) Почна вековниот карневал во Вевчани: Театар на отворено! Се делат „ковид сертификати“, се протестира за Ѓоковиќ…

0
28

Денеска почна традиционалниот Вевчански карневал, на кој вевчанци повторно не поштедија никого.

Во Вевчани се делеа Вевчански Ковид сертификати, беа прикажани талибанци во акција, и беа поставени вакциналните пунктови. Не беше изоставена ниту енергетската криза, а вевчанци не пропуштија да се пошегуваат и со пратеникот Кастриот Реџепи.

 

 

 

„Маските ги прикажуваат работите што не требало да се прават во текот на целата година и на нив не треба да се гледа суетно“, порача градоначалникот Спасе Кочовски пред почетокот на карневалското дефиле.

Како што нагласи, маските не сакаат никого да повредат, ниту да навредат, туку само ја прикажуваат годината што измина на сатиричен и хумористичен начин.

 

„Ова е театар на отворено и секогаш треба да се гледаат работите кои укажуваат дека нешто не треба да се прави. Ако видите премногу грубост, пораката е не бидете груби, ако видите вулгарност, пораката е не бидете вулгарни. Сите оние негативни работи што ќе ги видите тука можеби изгледаат екстремно прикажани, но не се во навредлива форма, туку прикажуваат она што можеби не сакате да го видите во текот на годината и сте биле онаков каков што ќе се видите преку маските на василичарите“, нагласи Кочовски.

Неизоставен дел на карневалското дефиле се и традиционалните маски на зетот и невестата, глупавите Августи, ѓаволите, зурлите и тапаните. Во утринските часови традиционално невестите од двете маала заедно со гостите одат на Вевчанските извори да наполнат вода, со која се прави зелник во кој се става паричка. Кај оној што ќе се падне паричката ќе биде среќен во текот на целата година. Карневалот завршува утре со последното василичарско оро и ритуалното палење на маските.

 

 

 

 

 

 

 

Точка