Иницијативата „Тетово сака парк” денес со јавна дебата за Блок 57

0
35

Иницијативата најави јавна трибина на која детално ќе се објасни предлогот поднесен до општината

Од иницијативата „Тетово сака парк” порачуваат дека Општината и државата со утврдување на урбанистичка намена „Д” (парковско зеленило, спорт, рекреација) ќе може да придонесат за реализација на идејата за формирање на нов парк без разлика на сопственоста на имотите. Овој став следи по информациите дека дел од предложното подрачје има нов сопственик, како и мислењето на градоначалникот Билал Касами дека поради финансиските состојби на Тетово тешко може да се реализира оваа иницијатива.

– Не менува за целата идеја дали сопственик на приватните делови бил еден или друг. Акцентиравме дека постојат и делови во приватна сопственост – за повеќето и државата се јавува како сосопственик, без физичка делба – но за целата идеја не е важно чии се таквите делови. Сите тие прават само мал дел од целото, а со утврдување на урбанистичка намена „Д” (парковско зеленило, спорт, рекреација) нема да може да се градат згради ниту на тие одвоени минорни делови од вкупната површина. Државата има најголем удел од неа. Замислете приватната сопственост да беше пречка за јавниот интерес, Македонија ќе немаше ниту еден автопат, булевар, плоштад, факултет, болница, парк, кои секогаш урбанистички се предвидувале на потег каде покрај државата, често има и приватни сопственици, информираат од иницијативата „Тетово сака парк”.

Дел од медиумите објавија дека урбаниот блок 57 или поранешната фабрика ШИК Јелак е продадена на нов сопственик.

– На дебатата ќе се разработаат и сите дилеми и прашања кои се отвораат во јавноста. На онлајн петицијата, за само 24 часа собрани се над 1.500 потписи. Поддршка кон предлогот дадоа голем број на јавни личности, меѓу кои и реномираниот режисер Милчо Манчевски, актерките Ирена Ристиќ и Сара Климоска, снимателот од „Медена земја” Самир Љума и други, велат од иницијативата „Тетово сака парк”.

Оваа граѓанска иницијатива предлага да се формира градски парк во источниот дел од градот на излез кон Скопје, место што според нив е единствениот простор која може да биде парковска површина. Предлагаат површина од 16 хектари, со опфат на четири урбани блокови./МИА