Огромна дива депонија со градежен шут покрај стариот стадион во Тетово

0
20

На површина колку едно фудбалско игралиште никна нова дива депонија со градежен шут лоцирана покрај стариот градски стадион во Тетово. Граѓаните кои живеат во близина на оваа депонија негодуваат и бараат општината што поскоро да ја острани, оти таму во последно време освен градежен шут се фрла и друг отпад, од каде се шири и смрдеа а кучиња скитници го разнесуваат сметот и до пред нивните дворови.

-Ова е катастрофа едвај се справивме со големата дива депонија лоцирана на влезот од Тетово, а сега депонија никна веднаш до нашите домови. Проблемот со депонииите ќе остане и понатака, се додека не се засилат инспекциските контроли за да се казнат тие кои ја загадуваат околината, но и не се најде соодветна локација за претовар на сметот, како и соодветна локација за истурање на градежен шут. Бараме од општината што поскоро да ја исчисти оваа дива депонија, истакна еден тетовец кој живее во непосредна близина на локацијата која е пренатрупана со градежен шут.

Од Општина Тетово, велат дека таа депонија е создадена од времето на претходната локална власт и се бара начин истата да се острани.

Инаку на последната пресс конференција градоначалникот на Општина Тетово Биљал Касами најави нов проект кој, како што рече, треба да даде дополнително влијание во справувањето со отпадот заедно со регионалната депонија Русино. Според него, можно е да почне со работа фирма која ќе работи на преработка на градежниот шут, но и на другите видови отпад.

–Менаџирањето на отпадот е комплексно прашање. Јас сум во постојана комуникација со ЈКП, да најдеме начин за селекција, не само за шутот, туку за сите видови отпад. Има неколку решенија кои се на маса и треба да ги разгледаме и дискутираме. Тоа може да биде преку самото претпријатие или ќе одиме преку јавно-приватно партнерство. Имаме и еден друг голем проект, треба деновиве да се видам со инвеститорите кои бараат градежно земјиште на територијата на општината за да се реализира овој проект кој е за целиот Полошки регион. Се работи за изградба на фабрика за преработување на отпадот и негово искористување за енергетски цели, истакна Касами на прес-конференцијата по повод 100 дена владеење со општината.

Преземено од Телма Телевизија