Проблеми со загревањето во тетовските училишта, од Општината велат дека се менаџира состојбата

0
18

Ученици и родители од Тетово алармираат дека во училиштата има проблеми со греењето, што го потврдуваат и од општинската администрација со објаснување дека е поради актуелната глобална проблематика со енергенските ресурси.

Во нашето основно училиште има скратени часови, за да сите порано одат дома и на тој начин помалку да се троши за греење. Во средното училиште имаме рестрикации во парното греење, кое се исклучува на одредени периоди, велат учениците и родителите во нивните изјави.

Назми Даути, раководител на Секторот за јавни дејности при Општина Тетово вели дека не може да се каже дека нема греење, туку проблеми поради состојбата на глобална ниво кои тековно се надминуваат. Според него, пари за греење има како секоја година од државниот буџет но поради зголемување на цените количините се помали.

– Од кога се добиени блок дотации од МОН односно од Министерство за финансии во Општина Тетово се распределени на четири квартали, при што во последниот се добиваат најмногу средства. Кога го направивме финансискиот план и кога ги распределивме тие блок дотации – конта, предвидовме покачување на електрична енергија за осум отсто и исто така покачување на нафта за девет отсто но гледаме дека ситуацијата драстично е сменета. Имаме големо зголемување на цените на дериватите и сега се пријавуваат проблеми поради што не стигаат тие средства за да можеме да се покриеме. Криза има во цел свет за нафта, компаниите што соработуваат со училиштата и ги снабдуваат не можат да добијат нафта од рафинерија и не можат да ги опслужат училиштата, изјави Назми Даути.

Според него во некои училишта има рестрикции во греењето, но и поради наметнатите протоколи за спречување на ширење на Ковид-19.

– Дојдовме до ситуација да направиме од време на време рестрикции земајќи ги во предвид протоколите што треба да ги почитуваат училиштата, на секои два часа да се отворат прозорци и да се проветрува и тогаш се исклучува парното греење и пак се вклучува. Во постојана комуникација сме и се трудиме да ја менаџираме ситуација, не зависи само од Општина ова е глобален проблем, изјави Даути.

Според него училиштата соработуваат и за овој проблем, па и во форма на позајмување се работи на надминување на тековните проблеми со енергетските ресурси за загревање на просториите.

МИА