Се множат „отпишувачи“ на пописот

0
26

Вкупно 537 илјади граѓани не се регистрирани, затоа се такви реакциите. Тоа ќе создаде многу проблеми, затоа мора да се спроведе нов попис, смета поранешниот пратеник Илија Димовски, од чиј став се огради „неговата“ партија ВМРО-ДПМНЕ

Партии, политичари, експерти и здруженија на граѓани и натаму со многубројни забелешки ги оценуваат резултатите од пописот, што беа објавени во средата од Државниот завод за статистика (ДЗС). Забелешките се, главно, дека пописот е некомплетен, како што го оцени ВМРО-ДПМНЕ, но најголемата опозициска партија, за разлика од нивниот експратеник Илија Димовски, смета дека секој што се занимава со (не)признавање на пописот, политички ја промашува поентата.

– Секој оној што се занимава со признавање или непризнавање на пописот од политичките партии сметаме дека ја промашува поентата и само прави нова манипулација од политичка гледна точка или можеби нова поделба помеѓу населението. ДЗС, според Законот, има обврска да ги објави бројките во Службен весник и тоа ќе биде направено, но начинот на кој се спроведени или обработени податоците и неуспехот да се дефинираат тие 7,2 отсто ги прави бројките некомплетни – изјави Луке Галески, директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.

Со свои ставови за „спорните“ 7,2 отсто излегоа и други политички субјекти. Околу 132.000 граѓани од резидентното не беше попишано на терен, туку преку други бази на податоци. И експратеникот Илија Димовски на Фејсбук има коментар за нив.

– Недостигаат 405.000 граѓани и дополнително 132.000 граѓани што не се изјасниле за својата етичка, јазична и религиска припадност. Вкупно 537 илјади граѓани не се регистрирани. Тоа се 21,48 отсто од вкупниот број жители во земјава. Затоа се такви реакциите на заедниците во Македонија и коалициските партнери на СДСМ. Ќе создаде многу проблеми и од тој аспект мојот став е дека мора да се спроведе нов попис. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен по ова. Ова ќе создаде многу институционални, уставни и управни проблеми за граѓаните на нашата држава – смета Димовски.

Тој за ТВ24, на прашање на соговорникот и член на Извршниот одбор на СДСМ, Андреј Петров – дали за ВМРО-ДПМНЕ пописот е точен и дали го признаваат, на двете прашања одговори „не“. Димовски, сепак, во изјава за „Слободен печат“ вели тоа бил негов личен, а не партиски став.

Дека не ги прифаќа резултатите од пописот и со најава за спроведување на ново пребројување, се јави и Демократската партија на Србите во Македонија (ДПСМ) и Српската заедница во Македонија (СЗМ).

– Немаме доверба во официјалните органи на актуелната власт и немаме намера да дадеме легитимитет на перфидното поништување на нашиот народ. Се надеваме дека со официјална поддршка на нашата татковина, во втората половина од годинава ќе спроведеме попис, електронски и теренски, на кој ќе може да се изјаснат сите што се сметаат за припадници на српскиот народ – најавија од ДПСМ и СЗМ, а на Фејсбук објави Иван Стоиљковиќ.

Пописните резултати не ги признаваат ни Партијата на Власите ни Националното координативно тело на Власите. Тие најавија дека ќе ги искористат сите демократски права и приговори во врска со пописот. Според нив, пописот е неуспешен, нецелосен и им нанесува штета на националните интереси на државата.

Сомнеж во резултатите изрази и МПЦ-ОА, која смета дека применетата методологија во графата „религиска припадност“ очигледно не разликува припадност на религија, вероисповед и на црква или верски заедници, а таа статистичка грешка опфаќа 13,4 отсто од населението.

„Ова ги прави презентираните резултати конфузни, а со тоа и неточни“, велат од Синодот на МПЦ-ОА, кој ги вреднува како нерелевантни податоците од пописот.

сЛОБОДЕН пЕЧАТ