СОНК не отстапува: Утре генерален штрајк, Владата да го одврзе ќесето за побрзо да почне наставата

0
29

Штрајкот на членовите на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) ќе се одржи утре со тоа што наставниците ќе престојуваат во заеднички простории договорени со директорите на школите и градинките и нема да извршуваат воспитно-образовни и згрижувачки активности. Штрајкот ќе трае додека не се изнајде соодветно решение, информираше денеска претседателот на СОНК, Јаким Неделков.

Според Неделков, СОНК нема да ги затвори училиштата и градинките, но никој нема право да ги присилува вработените да прифаќаат деца за време на штрајк. Директорите пак имаат одговорност да организираат прифаќање на децата кои евентуално ќе дојдат во училиштата или ќе бидат донесени во градинките.

Неделков најави и дека од утре ќе бидат одложени и активностите кои биле закажани во меѓувреме, што значи дека освен настава нема да има ни наставнички совети, родителски средби, полагање стручни испити и ученички натпревари, односно ќе се одложи сè што е поврзано со згрижување, образование и воспитание на деца.

Тој уште кажа дека има притисоци особено врз вработените во градинките, кои се принудуваат да бидат на работа и да работат како да нема штрајк, и кажа дека секој обид за одложување на штрајкот е спротивно на законите. Правниот застапник на СОНК ги повика директорите да не се обидуваат да спречат штрајкување оти ќе добијат кривични пријави, за дело казниво со парична казна или со затвор до една година.

Во однос на тоа што и Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика утрово потсетија дека образовниот процес мора да тече зошто децата имаат уставно загаранирано право на тоа, Неделков рече:

„Немаме никаква одговорност ако дојдат ученици или дечиња во градинките врз основа на згрижување, воспитание и храна. Ние ќе бидеме во посебни простории. Може директорите да ангажираат лица од установите кои не се наши членови, лица кои на определено време со договори и се плашат да не останат без работа па не штрајкуваат, но тоа се, да речеме од 100 максимум 10, или некаде 5 или 15 лица, да не генерализираме, бројхките се секаде различни“.

Неделков кажа дека законот од 2014 им дозволува на директорите да ангажираат заменски наставници на место на штрајкувачите, па ги повика наместо да го спречуваат штрајкот да си ја искористат таа можност.

„Нека го менуваат законот кој го донеле и нека си обезбедат работници, не знам дали има такви луѓе што би ги вработиле за кратко време. Тоа е максимално нефукционален дел од законот кој се користи за притисок“, рече Неделков кој очекува уште утре или најдоцна до вторник да започнат преговорите со владата и министерствата.

„Ќе мора да не викнат, немаше цела недела преговори, не беа во државата дел од владините претставници, сметам дека е крајно несериозно. Ако тие не се повикаат на генералниот штрајк други грански синдикати најавуваат порадикални мерки“, нагласи Неделков.

Тој апелираше до колегите да бидат истрајни во синдикалната борба до остварување на нивните барања за зголемување на платите во образовниот сектор за 18,4 проценти.

„Упатувам апел до колегите да бидат истрајни во барањата, тоа е за нив, за нивните семејства, социјални се прашањата, социјалниот статус на дејностите кои ги покриваме, гордо да застанеме, тука сме ние со правните застапници и ќе имаат правна заштита во секој момент“, рече Неделков.

Тој ја повика Владата што поскоро да го одврзе ќесето, да ги исполнат барањата на синдикатот и што поскоро да започне наставата.