ДОДЕКА НЕ ВИДИ ДОКУМЕНТ ЗА БУГАРСКО МАЛЦИНСТВО, ПЕТКОВ НЕ ДОАЃА ВО МАКЕДОНИЈА

0
30

„Наскоро нема да има посета, бидејќи немаме документ на кој можеме да работиме врз основа на Договорот за добрососедство. Така што, како што вчера потврди и македонската страна, меѓувладината конференција се одлага додека не видиме чекори поврзани со исполнување на критериумите и разбирање, што покажуваат заштита од дискриминација на бугарското етничко малцинство“, изјави Бориславова за Бугарската национална телевизија (БНТ).

Таа нагласи дека „Бугарија не бара малцинство” во земјава, туку „вклучување на Бугарите како државотворен народ во Уставот на Република Северна Македонија, со цел да ги имаат сите права што ги уживаат и другите народи”.

На новинарско прашање околу „очекувањата на бугарското општество Петков да потпише некаков документ со Скопје”, Бориславова изјави дека засега не се очекува нешто такво.

Таа негира дека Софија е изложена на „силен надворешен притисок” во врска со деблокадата на стартот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, но нагласи дека во Бугарија во моментов има обид за внатрешно-политичка дестабилизација во однос на темата поврзана со земјава.

Според неа, Владата на Бугарија води единствена политика кон Северна Македонија, а како „јазична грешка” ги коментираше изјавите на шефицата на бугарската дипломатија Теодора Генчовска за разликите меѓу неа и МНР од една и надворешнополитичкиот тим на премиерот Петков од друга стана.

„Надворешната политика на Бугарија ја води Министерството за надворешни работи, односно Теодора Генчовска. Таа или нејзините заменици секогаш го придружуваат премиерот и таа лично потврди дека водат иста надворешна политика со премиерот. Останатото го препишувам на грешка во јазикот, Бугарија има единствена надворешна политика кон Република Северна Македонија“, додаде Бориславова.

Прашана дали евентуална промена на ставот на бугарската Владата во однос на ветото за старт на преговорите на земјава со ЕУ, би можело да резултира со пад на Кабинетот на Петков, Бориславова изјави дека никој на кој било начин нема да преземе чекори во тој правец.

Таа потенцира дека како што неколкупати најави и самиот Петков, промена на бугарскиот став кон ветото ќе биде можна само со постигнување на широк консензус меѓу владејачката коалиција и опозицијата.

Мкд.мк