ОСМАНИ – НАШИТЕ УЧЕБНИЦИ НИКОЈ НЕ МОЖЕ ДА ГИ СМЕНИ

0
24

Со оваа формулација во рамката, стравовите за јазикот се неосновани. Сега прв пат имаме шанса да го затвориме тоа прашање. Граѓаните имаат право на протести, на критики и на политички активности, но целиот овој анти-наратив е заснован на неточни, погрешни толкувања на францускиот пакет, рече вечерва министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Во гостувањето на ТВ Сител, Османи подвлече дека нема никаква бугаризација, ниту наметнување, а нашите учебници не може никој да ги смени. Таквите шпекулации, оцени, се страшила што се користат за некој да добие политички поени и никако не се во интерес на граѓаните.

Во оваа фаза, потенцира Османи, нема почиста формулација за јазикот отколку што има во рамката предложена од француското претседателство. Рамката нема врска со Протоколот, а Протоколот ќе биде објавен, како што рече шефот на дипломатијата, пред неговата средба со бугарската министерка Теодора Генчовска.

Според Османи, логиката да остенеме блокирани за да не не блокира Бугарија во иднина, е ирационален пристап.

-Сите шпекулации во јавноста за предлогот се неосновани, луѓето се вознемируваат непотребно, јазикот е чист, историските прашања не се одредници за прогрес во процесот, има „фул“ почеток на преговори веднаш откако ќе дадеме пас за овој процес. Нема бугаризација, нема наметнување, никој не може да смени наши книги и споменици. Тоа се страшила што се користат за некој да добие политички поени и никако не се во интерес на граѓаните. Интересот на граѓаните е сега да се придвижиме кон ЕУ и да ги зајакнеме демократските институции. Да го почнеме процесот, а во текот на преговорите ќе ги надминеме сите разлики, потенцира Османи.