Во Тетово со настава ќе почнат 1033 првачиња и над 800 средношколци во прва година

0
40

Во Тетово утре учебната година ќе ја започнат 1033 првачиња и околу 800 ученици во прва година во средно образование, информираа од Секторот за јавни дејности. Од таму посочуваат дека се е подготвено за почеток на наставата.

Во сите 12 основни училишта во Општината се запишани 1033 првачиња. Во средните училишта има околу 800 ученици запишано, но ќе се зголеми бројот со оглед на тоа дека се чека одобрение од Министерството за образование и наука во некои училишта да има намалување бодови за запишување. Тоа е постапка во тек и се уште не е завршена. Во текот на распустот се правеа поголеми тековни работи во училишта, како бојадисување на училници и слични работи. Во ОУ „Лирија“ е поставен лифт за полесен пристап на деца со посебни проблеми, информираше Назми Даути, раководител на Секторот.

Пред почетокот на новата учебна година и полицијата спроведува превентивни активности и мерки.

-Секторот за внатрешни работи ги финализираше планираните превентивни и други активности пред почетокот на новата учебна година, најмногу сообраќајни. Наредниве денови пред и околу сите основни и средни училишта во Тетово значително ќе се зголеми полициското присуство и ќе се преземат мерки за целосно ослободување на јавните сообраќајни површини од непрописно паркирани возила, поставени тезги, угостителска опрема, изложени различни видови производи и слично, кои го попречуваат нормалното и безбедно движење на другите учесници во сообраќајот и посебно на пешаците, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Портпаролот додава дека со почетокот на новата учебна година, исто така, полициски службеници на СВР Тетово секојдневно ќе ги контролираат и автобуските постојки, посебно по завршување на првата и втората смена, со цел да се пресретнат евентуални инциденти, односно нарушувања на јавниот ред и мир.