Стојановски : Ќе започнеме со гасификација на нашиот град

0
27

Носителот на листата со кандидати за советници од СДСМ Глигорије Стојановски одржа прес конференција на која ги претстави проектите кои како партија и советничка група би се заложиле доколку се дел од мнозинството на Советот во Општина Тетово. Тие целосно даваатт поддршка за реализација на граѓанската иницијатива „Тетово сака парк“ и конечно изградба на Градски парк во Тетово.

-Ќе започнеме со гасификација на нашиот град. Ветуваме, како и што сме докажале во минатото,асфалтирање и реконструкција на многу улици, тука би ја издвоил улицата и тротоарот на „Борис Кидрич“, која води накај автобуската и железничката станица. Исто така, несомнено би се заложиле и за следниве проекти кои се од исклучително значење за тетовчани и кои истите го подобруваат квалитетот на животот во нашата општина. Поставување на семафори на раскрсницата на булевар „Благоја Тоска“ и улица „Љубо Божиновски- Пиш“, пред Тетовчанка, затоа што безбедноста е од приоритетен карактер. Пробивање на улицата „Видое Смилески- Бато“ до село Порој и Џепчиште и изградба на мост на Поројска река, со цел растеретување на сообраќајниот метеж. Изградба на спортски терен во селото Сараќино, како и тротоар кој води до основното училиште во селото Фалише, посочи Стојановски.

Тој на прес-конференцијата се осврна на организацијата на Тетовското културно лето, посочувајќи дека манифестација која порано се одвиваше во духот на соживотот, а сега граѓаните биле сведоци на издание одржано раздвоено по етникум, базирано на националност и со намера за разединетост.

-Во овој контекст, морам да го напоменам избраниот почесен граѓанин од друга држава, без консензус и незаконски, без вообичаената правна пракса кога станува збор за назначување на личност од вакво големо значење. Тетовчани се длабоко разочарани. Ваква локална политика води само кон поделби и омраза. Ветуваниот бесплатен паркинг од страна на моменталната локална гарнитура, се претвори во поскапување на истиот. Наместо реализација на ветувањето за изградба на катни гаражи ние добивме уште поголем сообраќаен метеж. Кучињата скитници станаа наша природна средина. Истите не се згрижуваа осум месеци, ама затоа сега се прави некој предизборен обид за нивно згрижување ама и тоа оди селективно, се третираат само агресивните кучиња. Знаеме дека сите овие кучиња скитници претставуваат опасност по нашето здравје и безбедност. Впрочем, колку и да е апсурдно, мора да потенцирам еден факт на кој сите сме сведоци. Градоначалникот Биљал Касами и ДПМНЕ, досега, сите проекти кои ги отворија и реализираа всушност се проекти од претходната локална власт и Владата предводена од СДСМ. Нивната неспособност за нешто свое, тие цело време сакаат да го покријат со лажно претставување на државничкиот спор со Бугарија кој претставува дел од државната политика и истиот нема допирна точка со локалните проблеми, истакна Стојановски.

Тој рече дека СДСМ со помош на Владата, во изминатиот мандат успеа на локално ниво да допре речиси во секој аспект од општествениот живот-асфалтирање на пат до Попова Шапка, главната улица на населеното место Сараќино, како и улицата Гоце Делчев, изграден современ школски спортски базен, а во завршна фаза е и изградбата на Музејот на тетовски крај и спортската сала во ООУ Андреја Савески Кикиш.