ЈП „Водовод“ доби нов в.д. директор – Марјан Митовски доаѓа на местото на разрешениот Перински

0
35

Митовски доаѓа на местото на доскорешниот в.д. директор на ЈП „Водовод и канализација“, Златко Перински, кој вчера беше разрешен од градоначалничката Данела Арсовска поради наводно самоволие и несоодветно постапување во постапка за тендер вреден 136 милиони евра
Денеска и претпријатијата „Градски паркинг“ и „Дрисла“ останаа без директори откако досегашните Бојан Христовски и Јане Мицевски поднесоа неотповикливи оставки поради, како што посочија, немањето поддршка, координација и достапност од градоначалничката Данела Арсовска. Таа, пак, кажа дека на директорите им било понудено да си дадат оставка или да бидат разрешени од функциите

Марјан Митовски е назначен за нов в.д. директор на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“, откако вчера неговиот претходник, ексдиректорот Златко Перински беше разрешен од функцијата поради, како што посочија од кабинетот на Град Скопје, самоволие и несоодветно постапување во постапка за тендер вреден 136 милиони евра.

Ексдиректорот на „Водовод“, Златко Перински, вчера свика прес-конференција за да ги изнесе своите аргументи во врска со случајот за кој го обвинува Арсовска. Таа, пак, без најава му влета на прес-конференцијата и ги соочи аргументите со Перински за постапката околу милионскиот тендер за избор на изведувач за пречистителна станица.

Покрај Перински, поради наводна вклученост во истиот случај, вчера од својата функција беше разрешен и генералниот секретар на Град Скопје, Ѓоко Велковски, и двајцата кадри на ВМРО-ДПМНЕ.

Денеска и претпријатијата „Градски паркинг“ и „Дрисла“ останаа без директори откако досегашните Бојан Христовски и Јане Мицевски поднесоа неотповикливи оставки. Тие на своите фејсбук-профили ги објавија оставките наведувајќи дека донеле ваква одлука поради немањето поддршка, координација и достапност од градоначалничката Данела Арсовска.

Откако Христовски и Мицевски соопштија оти поднеле оставки, Арсовска, пак, кажа дека директорите добиле понуда да си дадат оставка или да бидат разрешени од функциите.