НЕ ГИ ПУШТААТ ДЕЦАТА НА НАСТАВА, ОТИ ИМААТ НОВ НАСТАВНИК

0
53

Родители од неколку паралелки од три основни училишта од Тетово револтирани не ги пуштаат своите деца на настава, оти на нивните наставнички не им бил продолжен договор за работа. Секоја година поради политички партиски игри учениците добиваат нови просветни работници, што влијае на нивниот образовен процес, реагираат родителите

Родители на третооделенци од Основното училиште Гоце Делчев во Тетово, од вчера не ги пуштаат децата на училиште. Револтирани што нивната наставничка е заменета со нова, попладнево одржаа мал протест во училишниот двор. Стана пракса велат, учениците секоја учебна година да ја започнат со друг просветен работник.

Проблемот има политичка позадина, но нас тоа не не интересира. Бојкотот ќе продолжи, додека не се одговори позитивно на нашето барање, велат родителите.

На дваесетина просветни работници во Тетово, оваа учебна година не им беа продолжени договорите за работа.

Директорката на Основното училиште Гоце Делчев не сакаше да даде изјава. Од Секторот за образование при Општина Тетово, велат дека нема ништо незаконско со поставување на нови наставници. Тие на кои им престанол договорот, можат повторно да конкурираат на огласот за работа, кој ќе биде објавен наскоро, додадоа оттаму.