Онишченко поднел барање за државјанство со лажни исправи – Владата ќе му го одзема пасошот според член 14 од Закон за државјанство

0
41

Владата ќе му го одзема државјанството на Онишченко со тврдење дека лажел. По затворената седница преку кратко соопштение, од владата објаснуваат дека преку МВР ќе биде покрената постапка со користење на членот 14 од Законот за државјанство. Но во овој член не се спомнуваат пропусти на администрацијата односно потврдената грешка на вработени во Агенцијата за национална безбедност, туку вината се лоцира во невистини и лажни исправи од барателот на државјанството односно контроверзниот Олександр Онишченко.

РЕШЕНИЕТО ЗА ПРИЕМ ВО ДРЖАВЈАНСТВО НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА МОЖЕ ДА СЕ ПОНИШТИ ПО ВРАЧУВАЊЕТО, АКО СЕ УТВРДИ ДЕКА СТРАНЕЦОТ ПРИ ПОДНЕСУВАЊЕ НА БАРАЊЕТО ЗА ПРИЕМ НА ДРЖАВЈАНСТВО СО ПРИРОДУВАЊЕ ДАЛ НЕВИСТИНИТИ ИЛИ НЕТОЧНИ ПОДАТОЦИ, ОДНОСНО СЕ КОРИСТЕЛ СО ЛАЖНИ ИСПРАВИ, ВЕЛИ  ЧЛЕН 14 СТАВ 1 ОД ЗАКОН ЗА ДРЖАВЈАНСТВО 

Владата не објави која е лагата на Онишченко, но тоа ќе може да се исправи доколку го објави неговото барање за државјанство кое не претставува класифицирана информација. Барањето е поднесено преку Агенцијата за млади и спорт, а процедурата за државјанство на Онишченко ја покренале спортската коњичка федерација и македонскиот олимписки комитет МОК.

Во соопштението на владата не е наведено ништо за пропустите кои биле утврдени во АНБ и кои сам ги кажа директорот Виктор Димовски по првото продолжение на едницата на собраниската надзорна комисија. Сега дополнително се потврдува пропустот во АНБ затоа што владата тврди дека Онишченко успеал со лажни исправи или со невистинити податоци да го помине системот за безбедносни проверки во тајната служба. Според информации на Телма, одлучено е и да се проверуваат и други сомнителни безбедносни проверки за државјанства во АНБ.

Опозицијата претходно побара политичка одговорност од Димовски но и од министерот Оливер Спасовски. Одговорноста за Димовски треба да се преслика и врз новата амбасадорска функција во Париз за која ги има агреманите. ВМРО-ДПМНЕ тврди дека за нов директор постои голема внатрепартиска битка во СДСМ поради која не е избран ниту раководител на внатрешната контрола на АНБ.

Онишченко, како што веќе објави КОД, во своето истражување преку скопска адвокатска канцеларија почнал постапка за отварање фирма во Македонија која требало да се занимава со трговија со гас и енергенси.

Работата со државјанството на Онишченко се забрзала во мај, откако било добиено уверување дека Украинецот има искуство во трговија со гас и може да организира трговија по поевтина цена. Токму во тој период, поради санкциите, се појави проблемот со набавка на гас низ цела Европа и Македонија. Онишченко го поднел барање за државјанство преку коњичката федерација уште во 2020-та, во номеври лани ги добил мислењата на АНБ, а по шест месеци, среде енергетска криза, станал македонски државјанин за спортска намена.