Турската заедница бара турскиот да биде официјален јазик во струмичко Василево

0
18

Турската заедница од Василево бара воведување на двојазичност . Барањето доаѓа како резултат од последниот попис кој покажал дека 2280 лица од вкупно попишаните 11 373 или 20, 04 % од населението во општината се изјаснило дека нивниот мајчин јазик е турскиот. Иницијативата веќе е поднесена и до општинскиот совет, а како основа за истата е земен членот 1 од законот за употреба на јазиците во кој меѓу другото стои дека во единиците на локалната самоуправа јазикот и писмото што го користат најмалку 20% од граѓаните е службен јазик , покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

Градоначалникот на општина Василево вели ќе постапат согласно позитивните законски прописи. Веќе се обратиле и до министерството за локална самоуправа и очекуваат насоки за следните чекори. Најголем проблем во имплементацијата на законот ќе била тешката финансиска состојба во која се наоѓа општината so долг од околу 100 милиони денари и блокирана сметка.

Став побаравме и од министерството за локална самоуправа. Од таму велат дека надлежна за спроведување на оваа постапка е Агенцијата за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и сите информации и насоки општините треба да ги побараат од таму.

Освен во Василево, иницијатива за воведување на турскиот како втор службен јазик има поднесено и во општина Конче во која според пописот турската заедница има околу 24%.