ДАЛИ ДВИЖЕЊЕТО АНТИКОЦКАЊЕ РАБОТИ ЗА ДА ИМА КОЦКАРНИЦИ НА ДИВО, ПРАШУВААТ ОД ЗДРУЖЕНИЕТО САКАМ ДА РАБОТАМ

0
27

„Здружението на вработени во секторот игри на среќа „Сакам да работам“ реагира на денешниот настан на движењето Антикоцкање од Тетово, кои додоа предлог Општина Тетово да организира референдум со едно прашање: Дали сте за оддалечување на сите објекти кои приредуваат игри на среќа од училишта и верски објекти“. Според нив сето ова изразува сомневања за, како што велат „вистинската улога“ на ова движење.

Секоја нивна иницијатива е деструктивна и има за цел да предизвика штети по државниот Буџет. Во услови на финансиска неизвесност и економска криза од цените на струјата и енергенсите низ цела Европа, додека многу домашни компании се борат за гол опстанок ова наводно движење тера кампања за отпуштање на речиси 10 илјади вработени и уништување на цела економска гранка која на годишно ниво обезбедува 280 милиони евра приходи во државниот Буџет“, велат од здружението на коцкарници.

„Крајно време е господата кои во името на „Антикоцкање“ конечно да кажат чии интереси штитат и што е нивната крајна цел? Дали одработуваат за нечиј план и сценарио за нелегално заработка од игри на среќа кои би се организирале на црно, без никаков приход за државата? Дали вистинската цел на референдумот е да се затвори легален бизнис за да некој печали од диви играчници кои ќе работат на црно? Се повторува ли нов „Детонатор“, познатиот скандал од 2011, кога полицијата заплени околу 1 500 диво поставени покер апарати во нелегални коцкарници?“, се вели во реакцијата.

„Наместо да сеат магла и да манипулираат со етничките и верски чувства на граѓаните, сите противници на игрите на среќа во Северна Македонија нека објаснат зошто после четири години од забраната, Албанската Влада се пишмани и повторно дозволи да се организираат игри на среќа. Клучниот аргумент на Албанскиот Премиер е дека после забраната, игрите на среќа продолжиле да се одвиваат на црно и дека повторното легализирање на оваа дејност ќе и помогне на албанската економија во време на енергетска и економска криза. „Сакам да работам“ нема да дозволи некој да си поигрува со судбината на 10 илјади семејства заради политички, лични и бизнис интереси. Подготвени да си го браниме нашето уставно право на работен однос со масовни протести пред сите надлежни институции. Ние не сме и нема да бидеме нечија монета за поткусурување!“, се наведува во реакцијата на здружението.