Морбидни сведоштва на судењето за модуларната болница: Гледав како горат живи луѓе, огнот за миг однесе десетици животи

0
21

Доктори и медицински сестри, роднини на пациенти, сведочеа на денешната главна расправа во судскиот процес за изгорената модуларна болница. Медицинскиот персонал во своите искази кажаа дека пожарот ја проголтал болницата за многу кратко време. Не се сеќаваат колку и каде имало ПП апарати, кои немало да помогнат да се локализира пожарот.

Лекарот кој дежурал вечерта кога изгоре модуларната болница, во својот исказ кажа дека пожарот избувнал неколку секунди, откако тој со апарат вршел реанимација на пациентка на која и се влошила состојбата. Пламените јазици вели ја проголтаа собата за десетина секунди, истите се проширија кон останатиот дел од болницата. ПП апаратите не би го спречиле пожарот, дополни лекарот.

„Имаше над 20 пациенти во модуларната, не видов придружба со пациентите. На врата пишуваше забранет влез за пациентите. Видов еден човек кој беше придружба само за еден пациент кој беше со посебни потреби, тоа е дозволено. Во другите соби не видов придружба. Не се сеќавам колку и каде имаше ПП апарати, но и да имаше такви апарати во голем број и да имаше надвор пожарникари пожарот не можеше да се спречи, рече еден од дежурните лекари.

Роднините кои им пружале нега на пациентите вечерта кога избувнал пожарот, велат дека пламените јазици ги гаселе со кофи и шишиња со вода, не безуспешно.

Дел од нив пак, велат дека медицинскиот персонал не дозволувал внатре да се влегува, но наоѓале начини да влезат во болничките соби и да им пружат помош на болните.

Некои успеале да ги спасат пациентите, некои едвај и самите спасиле жива глава. Еден од нив е и Мумин Исмаили кој ја загуби мајката во пожарот.

Мораше и роднините да се грижат за болните, оти имаше голем број заразени со Корона, а мал број на лекарски персонал.

Главната расправа ќе продолжи со сослушување на останатите сведоци на 16-ти февруари.

Тетовското Обвинителство ги обвини двајцата директори Фљорин Бесими и Артан Етеми за кривично дело тешки дела против општата сигурност и докторот Бобан Вучевски за кривично дело непостапување според здравствени прописи за време на епидемија додека правното лице ЈЗУ Клиничка Болница Тетово за кривични дела предизвикување на општа опасност и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија.

Во октомври 2021 година по вештачењето на МВР, Обвинителството информираше дека пожарот во модуларната настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор-апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред.