Османи: Бугарија потклекна пред провокациите

0
19

Шефот на дипломатијата Бујар Османи вели дека сезоната на лов на провокатори и политички профитери е почната. Премиерот Димитар Ковачевски е дециден дека не постои антибугарска омраза и хистерија во земјата.

Мерките и активностите коишто ги презема Бугарија, којашто го повлече амбасадорот во Скопје и најави прекин на проекти со Северна Македонија, не е во духот на добрососедството. Бугарија потклекна кон провокациите на оние кои сакаат да ги нарушат напорите на двете Влади за стабилен и позитивен развој на односите меѓу двете земји, оцени шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи на денешната собраниска седница, каде развојот на односите со Бугарија се наметна како една од главните теми.

Иако повикувањето на амбасадор на консултација во матичната држава е право на земјата испраќач и редовна дипломатска пракса, Османи смета дека ваквиот чекор на Бугарија е неоснован, непоткрепен со валидни аргументи и непропорционален.

„Последните активности на официјална Софија, не се во согласност со договорената практика за унапредување на меѓусебните односи; напротив, тие претставуваат потклекнување кон провокациите на оние кои сакаат да ги нарушат напорите на двете Влади за стабилен и позитивен развој на односите меѓу двете земји“, вели тој.