Ако останат без „евтина“ струја производителите се закануваат со „изгор“ цени

0
20

Производителите во прехранбената индустрија се закануваат со нови поскапувања од 1 март. Ваквата реакција дојде по најавата на министерот за економија Крешник Бектеши, кој за Алсат најави дека на владина седница ќе побара целосно укинување на субвенцијата за струја на крајот на февруари, како за оние кои не го почитуваа договорот за намалување на цените за 10%, така и за оние кои делумно ги намалија. Сојузот на стопански комори ги поддржува производителите кои пак не се откажуваат од намалување на профитот за сметка на џебот на граѓаните.

Субвенционираната струја може да се укине само за оние фирми кои не ги намалиле цените, а не за сите, велат од Пекарската комора. Кај нив струјата влијае на 10% од крајниот трошок, работната сила со 35%, а суровината со 45%. Поради тоа велат дека не ги намалиле цените, иако тоа не ги оправдува бидејќи суровините на светските берзи значително се намалија.

Од граѓанскиот сектор каде што припаѓаат повеќе организации за заштита на потрошувачите, повикуваат доколку од 1 март повторно поскапат прехранбените производи, да започне граѓански бојкот. Тие се повикуваат на она што веќе се случува во соседна Грција каде две недели граѓаните ги бојкотираат млечните производи поради напумпаните цени. Во Македонија повикуваат на бојкот на белите пецива, месото и млечните производи за да останат на полиците, да им истече рокот за употреба и да се прати порака дека цените треба да бидат во рамките на куповната моќ.