ВОЛОНТЕРОТ СТОЈАНОВСКИ СО СВЕДОШТВА ОД СПАСУВАЧКАТА АКЦИЈА ВО ТУРЦИЦА: ГОЛЕМАТА КАТАСТРОФА ТУРЦИТЕ ЌЕ ЈА ПОБЕДАТ ОТИ СЕ СПЛОТЕНИ И СОЛИДАРНИ

0
19

Морничави и страшни слики, но и народ кој се носи со големите предизвици, се само дел од впечатоците на тетовецот Александар Стојановски кој беше дел од македонскиот тим кој помагаше во разрушените подрачја.

Тој е волонтер во тимот за спасување, при Дирекцијата за заштита и спасување кој беше во турскиот град Адијаман. Без многу двоумење веднаш прифатил да биде дел од спасувачката мисија.

„Бевме во градот Адијаман, работевме на неколку локации. Со самото пристигнување во Турција можам да кажам дека е огромно разрушувањето, огромни територии кои се зафатени од земјотресот. Со самото тоа што стигнавме навечер немаше струја и сето тоа изгледа многу морничаво и страшно. Возевме околу 200 километри низ разрушеното подрачје додека стигнавме до градот, така да се работи за голема територија која е зафатена од земјотресот“, раскажува Стојановски.

Македонскиот тим извлече една жена од под урнатините. Спасувањето, вели Стојановски е голем и сложен процес, но без тимска работа, како и помош од локалните заедници, залудни би биле сите акции.

„Со нашето присуство тие увидоа дена не се сами и имаат поддршка. Имаа голема почит кон нас и позитивно сум изненаден како е тоа еден сталожен и стабилен менаталитет и покрај оваа несреќа, тие можат да се носат со секојдневните предизвици. Така да ние кога работевме на локацијата постојано ни нудеа вода, чај, јадење, не само нас туку и самите меѓу себе се помагаа и убаво е така да се види дека човечкиот род е солидарен. Поминуваа луѓе, не прашуваа што ни треба, се понудија да ни го платат горивото, ние им помагавме нив, но и тие ни помагаа нас“, вели Стојановски.

Солидарноста и сплотеноста на турскиот народ вели Стојановски, но и помошта која доаѓа однадвор, ќе ја победат катастрофата во која илјадници луѓе ги загубија животите.