КАТАСТРОФА ОД ИСТОРИСКИ РАЗМЕРИ: ВО ЗЕМЈОТРЕСОТ ВО ТУРЦИЈА ЗАГИНАА НАД 1000 ЛУЃЕ, ЗЕМЈАТА СЕ УШТЕ СЕ ТРЕСЕ

0
30

Серијата земјотреси кои го зафатија турскиот југо-исток не запира. По катастрофалниот земјотрес кој се случи ноќеска, следуваше афтершок од 6,7 степени а нешто пред пладне, според американскиот геолошки центар, во регионот Каранманмараш бил регистриран нов силен потрес од 7,5 степени.

Претходно, катастрофален, разорен земјотрес ја зафати југоисточна Турција, во близина на границата со Сирија, предизвикувајќи огромна материјална штета и смртоносен биланс, кој од минута во минута се зголемува.

Според американскиот геолошки центарот потресот со силина од 7,8 степени се случил околу 4 часот и 17 минути, додека луѓето спиеле, на длабочина од 17,9 км, во близина на градот Газијантеп.

Според турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, бројот на загинати во земјотресот во моментов изнесува 912 луѓе, иако стравувањата се дека драматично ќе се зголеми. Според турскиот лидер, ова е најтешкиот земјотрес во Турција од 1939-тата година, додавајќи дека срамнети со земји биле повеќе од 2 818 згради.

Епицентарот на земјотресот е во провинцијата Каранманмараш, градот Пазарџик. Срамнети со земји се бројни станбени згради во градовите Газијантеп, Каранманмараш, Хатај, Османије, Адијаман, Малатија, Шанлурфа, Адана, Дијарбакир и Килис.

Повеќе стотици луѓе, кои во паника ги напуштија своите домови по земјотресот набргу потоа заедно со бројни спасувачи се обидуваат да им помогнат на луѓето кои останаа затрупани под урнатините.

Утринската светлина најдобро го покажува уништувањето кое го остави зад себе природната катастрофа.

Во овој дел од Турција, во овие градови најтешко погодени од земјотресот сместени се и милиони бегалци од Сирија, кои ја напуштија својата земја заради крвавата граѓанска војна.

Турција е земјата со најголем број бегалци од Сирија, од војната која најголем дел од меѓународната заедница веќе ја заборави.

На Сириската страна од границата, земјотресот ги зафати регионите кои ги контролира опозицијата и кои се преполни со стотици илјади внатрешно раселени Сиријци. Најголем дел од овие луѓе и живеа во згради веќе оштетени од бомбардирањата од минатото. За овие луѓе треба да се грижи и да се обиде да им помогне здравствениот систем уништен по повеќегодишната војна. Белите шлемови, хуманитарната група која работи во Сириските региони кои ги контролираат бунтовниците побараа итна меѓународна помош.

„Денеска по земјотресот, започнавме да примаме голем број случаи, стотици повредени. Досега, бројот е околу 100. Загинаа околу 30 луѓе. Знаеме и имаме информација за стотици пациенти кои се уште се под урнатините. Ситуацијата е премногу лоша и потребна ни е итна помош“ – вели хирургот Маџди Ибрахим.

Земјотресот бил почувствуван се до главниот град на Египет, Каиро, додека илјадници жители на главниот град на Либан, Бејрут ноќта исто така ја минале на улица, откако ѕидовите на нивните згради се треселе 40-тина секунди од потресот во Турција.